Откако претставниците на Србите на Косово денеска ги напуштија сите политички институции, косовскиот премиер Албин Курти порача дека Вучиќ ги излажал и разочарал САД и Европската Унија, додавајќи дека тој многу често се координирал со рускиот амбасадор во Србија.
„Изгледа дека поранешниот портпарол на партијата на Милошевиќ, а сега министер за надворешни работи на Србија е помоќен од поранешниот министер за информирање на Милошевиќ. Овае нивна лична борба за власт, не е ниту за граѓаните, ниту за државата“, напиша Курти на социјалната мрежа Фејсбук.
Тој ги повика Србите на Косово да останат смирени.
„Не сум јас против вас, но Белград е против мене. Јас сум премиер кој ќе ви служи, почитувајќи го Уставот. Моите приоритети се борбата против корупцијата и економскиот развој, вработување, еднаквост и благосостојба на сите, без оглед на етничката припадност. Не бојкотирајте и не ги напуштајте косовските институции. Тие им служат на сите нас, на сите вас. Не паѓајте на политички манипулации и геополитички игри“, напиша Курти.