Ноќта меѓу 4 и 5 ноември во 1982 година термоелектраната на РЕК „Битола” ги произведе првите киловати електрична енергија и тоа беше повод денеска во Битола да биде одбележан големиот јубилеј – 40 години од стартот на работата на Комбинатот.
Во пресрет на свеченоста, Комбинатот го посети премиерот Димитар Ковачевски, а во поздравно обраќање на свеченоста го истакна значењето на најголемиот капацитет за производство на електрична енергија во земјава.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, АД ЕСМ освен што произведува електрична енергија, има и директен придонес во ублажување на економската криза и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
– Со работата на АД ЕСМ се влијае и намалување на цените на основните прехранбени производи, но исто така се влијае да не се зголеми цената на водата за пиење, и затоа се зголеми производството токму на РЕК „Битола” – рече меѓу другото министерот Бектеши на свеченоста во Битола.
РЕК „Битола” ќе остане столбот на електроенергетскиот систем на државата, нагласи генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
– Во последните неколку години засилено работиме на зајакнување на капацитетите и инсталирање нови електрани, но пропуштеното време не можеме да го вратиме. Се додека во РЕК „Битола” не ја изградиме гасната централа и додека не го изградиме најголемиот енергетски капацитет ХЕ „Чебрен”, како капитален енергетски капацитет, ние ќе мораме да се потпираме на РЕК „Битола” и секако на РЕК „Осломеј”, на хидроцентралите и други капацитети. Енергетската трансформација на РЕК „Битола” и преминот на производство на електрична енергија од јаглен кон производство на чиста енергија од природен гас или обновливи извори на енергија ќе оди постепено, плански, во фази кои ќе дозволат енергетски безбедна и социјално праведна транзиција – рече Васко Ковачевски.
Тај најави дека гасната електрана со капацитет од 250 до 400 мегавати и четирите фотонапонски електрани во РЕК „Битола” со инсталирана моќност од 280 мегавати ќе се градат во кругот на Комбинатот и тие ќе бидат замена на трите блокови кои сега произведуваат електрична енергија од јаглен.
– Во следната деценија транзицијата треба да биде завршена, производството да биде префрлено на чисти извори, а вработените преквалификувани, обучени и подготвени за користење на новите капацитети што треба да се изградат и затоа манипулативни се одредени изјави дека затворањето на РЕК „Битола” ќе биде брзо, а вработените ќе останат на улица и штетно. Тоа нема да се случи и затоа во време на енергетска криза секоја добронамерна критика, секој предлог и сугестија се добредојдени, а секоја неодговорна изјава што внесува страв и заплашување кај граѓаните се неприфатливи. РЕК „Битола” ќе остане столбот на електроенергетскиот систем во државата – посочи првиот човек на АД ЕСМ, Ковачевски.
За значењето на РЕК „Битола” среде најголемата енергетска криза во Европа, говореше и директорот на Комбинатот, Пеце Матевски.
– Во изградбата на РЕК „Битола” се вградија бројни експерти од земјава, но и странство и затоа РЕК „Битола” без дилема може да се нарече и грандиозен интернационален производ во сопственост на Македонија. Во текот на овие 40 години раст и развој, низ РЕК Битола минале точно 6.185 вработени, а бројот на лица кои по различни основи биле ангажирани во комбинатот е десеткратно поголем – истакна Матевски и најави скорешно почнување со работа на рудникот „Живојно”.