Американскиот претседател Џо Бајден синоќа оцени дека Илон Маск ја купил платформата за социјални медиуми Твитер за да шири лаги низ светот.
Твитер вчера отпушти половина од персоналот, но соопшти дека скусувањата се помали во тимот одговорен за спречување на ширење на дезинформации. Ова доаѓа откако огласувачите се повлекоа поради загриженоста за управувањето со содржината.
– Сега, она што најмногу нè загрижува е тоа што Илон Маск купува компанија која испраќа или едноставно шири лаги низ целиот свет… Во Америка веќе нема уредници. Нема. Како очекуваме децата да разберат што е „на коцка“?, рече Бајден на настанот за собирање средства.
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер претходно изјави пред новинарите дека Бајден бил многу јасен за потребата да се намали говорот на омраза и дезинформациите.
– Овие негови ставови се однесуваат на Твитер, важат за Фејсбук и секоја друга социјална мрежа каде што корисниците можат да шират дезинформации – рече портпаролката.
Маск вети дека ќе ја врати слободата на говорот и во исто време ќе спречи Твитер да стане „пеколен пејзаж”. Сепак, големите огласувачи изразија загриженост поради купувањето на Твитер од мултимилијардерот.