Луѓето од власта треба да сфатат дека кога се занимаваат со јавна дејност ќе бидат и предмет на критика и дека ако за изнесен став се затвораат луѓе власта не враќа во 49. година – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Битола одговарајќи на новинарско прашање за коментар околу случајот со приведувањето на актерот во Битолскиот театар Васко Мавровски по пријава на министерката за култура поради пост на социјалните мрежи.
– Не е првпат МВР така да постапува насилнички. Јас на дневна основа јавно, што од политичари, што од граѓани, сум жртва на такви статуси што повикуваат на линч, на физички пресметки на мене на моето семејство и досега еве две години не е постапувано и луѓето треба да сфатат дека кога се занимаваат со јавна дејност дека ќе бидат предмет на критика. Не може секогаш да ве фалат и да велат дека сте најпаметни и дека најдобро работите, некогаш и логично е да ве критикуваат. Впрочем, затоа и преставува плурализмот, демократијата и ако вака за изнесен став се затвораат луѓе се враќаме назад во 49-тата година. Тоа не се европските вредности кои што оваа влада ги промовира. Нели велат европски вредности, полна им е устата со Европа, а се однесуваат како дивјаци од минатиот век, истакна Мицкоски.
Тој исто така изрази поддршка до актерот Мавровски и го охрабри секој граѓанин без да се грижи да го изрази својот став без разлика на кого се однесува критиката.
– Поддршка до Васко и поддршка до слободата на мислата. Секој граѓанин да не се грижи и да си го каже својот став, па нека биде тоа критика дали за ВМРО, за СДСМ, за ДУИ, слободно да го искажат ставот. Ова е веќе втора жртва на приведување на оваа насилничка полиција. Таков беше и случајот во Скопје со лицето кое што беше приведено под сомнеж дека ги испраќа оние мејлови со коишто се испраќаат закани за поставени бомби во училиштата во Скопје, па тоа беше поврзувано со ВМРО-ДПМНЕ, додека пак вистинските криминалци шетаат насекаде во Македонија – рече Мицкоски.