Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати до јавноста во врска со Законските измени на Законот за социјална заштита и Законот за детска заштита со кои се предвидува зголемување на висината на посебниот додаток, намалување на возрасната граница кај правото за траен надоместок, вклучување на лицата со комбинирани пречки во услугата за лична асистенција.
„Преку секојдневна комуникација со граѓаните до Законски измени кои значат унапредување на животниот стандард, споделувањето на животните предизвици, но и заедничкото трагање кон решенија не доведе до успешно завршување на измените на Законот на социјална заштита и Законот за детска заштита кои што во текот на вчерашниот ден беа изгласани од страна на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија “ рече Тренчевска.
Министерката посочи дека ова е доказ за грижа за лицата со попреченост.
„ Ja зголемивме висината на посебниот додаток за 15% за сите три подвидови на корисници! Ја намаливме возрасната граница кај правото за траен надоместок за родители од 62 на 60 години за жени и од 64 на 62 години за мажи! Во услугата за лична асистенција која опфаќа индивидуална помош и поддршка за лица од 6 до 65 годишна возраст ги вклучивме и лицата со комбинирани пречки“ изјави Тренчевска.
На крајот од своето обраќање министерката Тренчевска изјави дека за Владата и за Министерството за труд и социјална политика грижата за граѓаните е на прво место.