Владимир Путин го чека „генерал Зима“ за да победи во војната во Украина, а тоа е причина меѓународните партнери да го поддржи Киев повеќе од кога било, смета првиот дипломат на Европската унија, Жосеп Борел на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во западниот германски град Минстер, пишува Ројтерс.
– Сега, повеќе од кога било, мораме да ја поддржиме Украина, украинскиот народ. Тие се борат, ја бранат својата земја, а ние имаме морална должност да ги поддржиме – рече Борел.
„Генерал Зима“ е руски термин за зимскиот период кој придонесе за воените успеси на земјата низ историјата, односно победите против Наполеон и против Хитлер.
Високиот дипломат рече дека Путин прибегнува кон напади врз цивилната инфраструктура поради неуспесите што неговите сили ги претрпеа на бојното поле.
– Путиновата Русија ја уништува Украина. Тие не можат да ја окупираат, не можат да победат на бојното поле, не можат да победат во војната – и систематски ја уништуваат земјата – изјави дипломатот за новинарите.