Шефовите на владите на Србија, Косово, Црна Гора, Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина потпишаа три договори на самитот на Берлинскиот процес, чија цел е регионално поврзување и слободно движење на граѓаните од Западен Балкан, особено поголема мобилност на професионалци , студенти, истражувачи и професори.
Премиерите на Србија Ана Брнабиќ, Албанија Еди Рама, Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, Косово Аљбин Курти, Црна Гора Дритан Абазовиќ и на Македонија Димитар Ковачевски потпишаа три договори за слобода на движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и признавањето на професионалните квалификации на лекари, стоматолози и архитекти.
– Со потпишувањето на трите регионални договори денеска во Берлин направивме голем и сигурен чекор кон зголемена меѓусебна регионална соработка, но и кон ЕУ. Со овие договори обезбедуваме взаемно признавање на високообразовните квалификации во целиот Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите на медицина, денталната медицина и архитектите, како и слобода на движење со лични карти во Западен Балкан – истакна премиерот Ковачевски после потпишување на договорите.