More

    Саемот одлична шанса за пракса и за вработување

    spot_img

    Саем за пракса и вработување на кој учествуваат 24 компании попладнево беше отворен на Машинскиот факултет во Скопје, со цел да се зголеми соработката помеѓу Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и стопанството и да се подобри вработливоста на студентите преку поголем број реализирани пракси во компаниите и заеднички проектни и дипломски работи.

    Студентите од Машинскиот и од останатите факултети од инженерскиот кампус на УКИМ имаат можност да ги разгледаат понудите за практична работа на фирмите кои учествуваат со штандови, како „Дрекслмајер“, „Раде Кончар – ТЕП“, „Кемет”, „Ван хул“, „Микросам“, „Брако“, „Окта”, „Џонсон мети“…

    Во изминатите години саемот го организираа студентските организации на Машинскиот факултет и ФЕИТ, а поради пандемијата две години се одржуваше онлајн.

    Деканот на Машинскиот факултет Дарко Данев на отворањето на саемот рече дека годинава  управата на факултетот се вклучила во неговото организирање за да им помогнат на студентите, како што рече, да останат овде и да видат што нудат за нив компаниите во нашата земја.

    – По пандемијата и оваа економска и енергетска криза, кога луѓето размислуваат за заминување надвор,  барем со ваков мал чекор да се обидеме да ги заинтересираме нашите студенти да останат во земјата. Целта е да ја продлабочиме соработката помеѓу Универзитетот и компаниите, а пред сѐ, да обезбедиме можност нашите идни дипломирани  машински инженери да остварат пракса во овие компании и на тој начин да се зближат со индустријата. Да видат како треба да се работи и на крајот, секако, да си обезбедат вработување – рече Данев.

    Проф. Радмил Поленаковиќ, раководител на Центарот за карира на Машинскиот факултет и вклучен во организацијата  на саемот, ги повика компаниите да бидат отворени за поддршка на студентите за тие да стекнат компетенции и вештини кои ќе ги направат повеќе работоспособни.

    – Ги замолуваме компаниите да нудат проекти, дипломски задачи, што е најдобар начин нашите студенти да бидат на чекор до вработување – рече Поленаковиќ.

    Според досегашното искуство, рече тој, ако студентот оди на пракса и работи дипломска, околу 90 отсто е сигурно дека ќе биде задржан на работа во компанијата доколку е квалитетен.

    – Тоа е добитната комбинација и е препорака за сите студенти. Затоа е добар овој саем, бидејќи студентите ги нудат своите потенцијали за пракса и за вработување. Но, вработувањето е втора фаза, клучно е праксата која на студентите им овозможува да пробаат некоја компанија, а и компанијата да  проба еден, двајца, тројца студенти и да ги вработи тие што се највредни – изјави Пoленаковиќ.

    На пракса може да одат студенти од втора и од повисоките студиски години. На Машинскиот факултет слободен ден за пракса е петок, а ги поттикнуваат студентите на пракса да одат кога не се зафатени со полагање на испитите,  особено во летниот период кога може да користат подолготрајни пракси.

    Тие може да се реализираат и во други компании, покрај 24-те кои учествуваат на саемот, бидејќи факултетот, рече Поленаковиќ, има соработка и со компании кои не се од областа на машинството, како банки, услужни дејности и други каде што се потребни инженери.

    Саемот за пракса и вработување може да се посети до 3 ноември, од 9 до 15 часот. Некои од компаниите имаат и презентации во просторија на факултетот. Во рамки на саемот, в четврток од 14 часот на Машинскиот факултет ќе се одржи трибина на тема „Што треба Универзитетот да преземе за компаниите да имаат подобри идни вработени?”.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img