Нова војна би предизвикал евентуалниот руски напад на американски комерцијални сателити во вселената, а САД би можеле да одговорат. Вака ги коментира Мишел Ханлон вчерашните предупредувања на Москва во Обединетите Нации дека сателитите се „легитимна цел“. Тој работи како директор на Одделот за право на воздух и вселена на Универзитетот во Мисисипи и вели дека „оваа закана нè доведува до работ на нешто што досега не сме го виделе“.
Ден претходно, Русите се заканија и неформално типуваа на сателитите Старлинк на команијата Спејс Икс на Илон Маск која ги снабдува Украинците со Интернет. Но, не е само Маск на списокот. Американската компанија „Иридиум“ напојува десетици илјади уреди во Украина, додека „Максар Технолоџис“ често им обезбедува сателитски снимки на војниците од позиициите на Русите, пишува Б92.
Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби синоќа изјави дека секој напад врз американската инфраструктура ќе предизвика одговор, но не даде детали.
– Правните аспекти на сето ова се многу матни во моментот. Ние едноставно немаме ниту еден пример за употреба на сила во војна против сателитите – изјави за Ројтерс Брајан Виден, аналитичар во здружението „Безбеден свет“.
Ако Русија изврши ваков напад, тоа ќе биде првпат во историјата да започне вселенска војна. Според Меѓународното право САД би имале право да одговорат на нападот.
Плусинфо вчера ги објави изјавите на Константин Воронцов, заменик-директор на Секторот за неширење и контрола на оружјето во руското МНР кој во ОН рече дека „квазицивилната инфраструктура во орбитата може да биде легитимна цел на одмазднички удар“.