Светска премиера на „Кајмак” на Милчо Манчевски на Фестивал во Токио
Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја имаше светската премиера на 35 Меѓународен филмски фестивал во Токио (ТИФФ).
Како што информираат од тимот „Кајмак“, се прикажува во официјална конкуренција на овој фестивал од А-категорија, кој е најголем во Азија и еден е од најголемите во светот. Од предложени 1.700 филмови од 107 земји, во официјална конкуренција влегле само 15, меѓу кои и македонскиот „Кајмак“.
„Кајмак“ е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот. Филмот на Манчевски е безмилосна критика на малограѓанското лицемерие и апотеоза на индивидуалната слобода.
– ТИФФ се отвори на 24 октомври, кога на црвениот килим продефилираа сите учесници, меѓу кои и дел од македонскиот тим на „Кајмак“ предводен од режисерот Манчевски, актерките Климоска и Стојановска и продуцентот Јане Ќортошев. Холивуд репортер, во извештајот од свеченото отворање на фестивалот забележа дека на црвениот килим беше и Милчо Манчевски со актерските ѕвезди од „Кајмак“, нарекувајќи го „македонскиот ерудит од Њујорк“. Билетите за проекциите се распродадени една недела однапред. Годинава фестивалот се враќа во физичка форма по две години пандемија, а по 14 години пауза повторно ја враќа наградата „Акира Куросава“. Таа се доделува на автори за извонреден придонес во светската кинематографија. Годинешниот добитник е мексиканскиот оскаровец Алехандро Гонзалес Ињариту, наведено е во соопштението.
По светската премиера во Токио, „Кајмак“ патува на Филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј. Македонската премиера на „Кајмак“ е предвидена за средината на ноември, а филмот веднаш ќе биде на редовен репертоар во сите киносали низ земјава.
По сценарио и режија на Манчевски, во филмот играат: Сара Климоска, Камка Тоциновски, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ратка Радмановиќ, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други. Македонски продуцент на филмот е „Банана филм“.