Сојузот на средношколци е загрижен од денешните дојави за поставени бомби во пет средни училишта во Скопје. Во последниот период јавноста сведочеше на слични дојави за бомби во училишта и болници во соседна Република Србија, потсетува организацијата на средношколците во земјва.
„Сојузот ја поздравува брзата акција на безбедносните служби. Ограноците на Сојузот нè информираа дека евакуацијата е целосно спроведена, а настава нема да има за учениците од втората смена. Сојузот на средношколци апелира на зголемување на безбедноста во средните училишта. Ги повикуваме нашите соученици да бидат смирени бидејќи паниката е нашиот најголем непријател во овие ситуации. Безбедносните и училишните служби да бидат професионални и методични во работењето за да се заштитат средношколците и сите останати вклучени во образовниот процес“ – се вели во соопштението на Сојузот на средношколци.