Важноста на Законот за градење, Панеуро медитеранската конвенција и Законот за гаранција за заем за финансирање на АД ЕСМ, што ги усвојува Собранието на РСМ и значењето на одлуките што ќе се носат во Берлин, за патување со лични карти помеѓу сите земји во Западен Балкан, признавање на професионалните квалификации на докторите по медицина, по стоматологија и архитектите, поедноставен процесот на нострификација на дипломите за високо образование во сите 6 земји на ЗБ и најава за укинување на визниот режим помеѓу Косово и Босна и Херцеговина се од исклучителна важност за стопанството, вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.
– Трите закони за кои минатата недела остварив работна средба со Талат Џафери, претседател на Собранието се од исклучително големо значење за одржување на економската активност на стопанството во целост, кое во услови на глобална неизвесност и криза е дополнително усложнето поради нефункционалноста на системот, т.е. не донесувањето на законски решенија од интерес за економијата во целост – вели Азески.
Тој додава дека Комората овој пат директно и конкретно се стави во улога на мост помеѓу Владата (позицијата во Собранието) и опозицијата
-Алармот на компаниите стана се погласен, дека во услови на глобална неизвесност, намалена ликвидност и криза која го менува обликот во континуитет, работењето им е дополнително усложнето поради не носењето на измените на Закони кои ќе го олеснат нивното работење, а бенефитот ќе биде повеќекратен. Компаниите ќе опстојат, ќе се зачуваат работни места, ќе се платат давачките во буџетот – вели Азески.
Тој појаснува која е важноста од донесувањето на законите за компаниите.
– Важноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, со кој се овозможи на кровна конструкција на објект да постават фотонапонска електроцентрала без решение за поставување, согласно членот 74 на овој закон, го олеснува процесот на поставување на фотоволтаици, што како мерка за справување во услови на енергетска криза значи одредена заштеда од аспект на набавка на скапа електрична енергија на слободниот или регулираниот пазар. На тој начин во еден дел се олеснува и проектирањето на трошоците за компаниите кои ќе инвестираат во фотонапонска електроцентрала бидејќи дел од енергијата ќе ја обезбедуваат од сопствени извори – вели тој.
Азески додава дека за извозно ориентираните компании е од особено значење да се ратификува ревидираната ПЕМ конвенција за извозот на пазарите на ЦЕФТА.
– Тоа ќе овозможи, меѓу другото, да се укине забраната за поврат на царина за суровини без потекло, со што се намалуваат трошоците на извозниците. Со тоа тие стануваат поконкурентни на пазарите во регионот, а се олеснува и добивањето ЕУР 1 сертификат за потекло. Земјите потписнички (членки на ЦЕФТА) преземаа обврска да го завршат овој процес до 30 јуни 2022г., за договорот да може да се применува од 1 септември 2022 година. Овој процес го нема завршено само нашата држава. Ратификацијата на ПЕМ конвенцијата, кај нас, од страна на Собранието требаше да се случи на 73 седница, на 27.06.2022 година- појаснува Азески.
Тој потсетува дека Комисијата за надворешни работи во Собранието на РСМ со која претседава пратеникот Антонијо Милошоски, даде зелено светло за ратификација ревидираната ПЕМ конвенција за извозот на пазарите на ЦЕФТА и се очекува до 27 октомври истата да биде изгласана од пратените на седница.
Претседателот на Сртопанската комора вели дека предлог на Законот за гаранција на РСМ на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот за поддршка на ликвидноста на АД ЕСМ – Скопје кој ќе се склучи меѓу ЕБОР и АД ЕСМ – Скопје, со доделување на заем во износ до 100 милиони евра, обезбеден со државна гаранција, е блокиран поради тврдењето на опозицијата дека доделувањето на заемот е условено со деактивирање на ТЕЦ Осломеј до 2023 година и на РЕК Битола заклучно со 2027 година.
– Имајќи ја предвид важноста на овие две термоелектрични централи за економската активност на државата, Стопанската комора на Северна Македонија и официјално ќе се обрати до Европската банка за обнова и развој со допис за пролонгирање на ваквите процеси со цел во услови на глобална криза со цел законот да биде поддржан од опозициската партија за надминување на потешкотиите во снабдувањето со електрична енергија, што е клучен проблем во моментов. Најголем дел од заемот е наменет за оперативни трошоци во ХЕЦ Маврово, ХЕЦ Тиквеш, ХЕЦ Треска, ХЕЦ Црн Дрим и Дирекција, како и за набавка на електрична енергија од лиценцирани трговци со електрична енергија и набавка од операторот на електропреносниот систем, АД МЕПСО – вели Азески.