Русија ги информираше САД за нивните планови да спроведуваат годишни нуклеарни вежби, соопшти американската влада во вторникот. Вашингтон го гледа тоа како потег што го намалува ризикот од погрешна пресметка во време на „непромислена“ руска нуклеарна реторика.
САД соопштија дека очекуваат Русија да изврши пробно лансирање на ракети за време на годишните вежби Гром, истакнувајќи дека во минатото истрелала интерконтинентални балистички ракети.
Според новиот договор СТАРТ, од Русија се бара однапред да извести за ваквите лансирања на проектили, велат американските власти.
„САД се известени и, како што нагласивме, ова е рутинска годишна вежба на Русија“, објави портпаролот на воздухопловните сили Патрик Рајдер на брифинг со новинарите, одбивајќи да даде дополнителни детали.
Вежбите претставуваат потенцијален предизвик за САД и нивните сојузници поради отворените нуклеарни закани упатени од рускиот претседател Владимир Путин, пишува Ројтерс.
Во вторникот, Русија, исто така, упати наводи до Советот за безбедност на ОН дека Украина се подготвува да употреби „валкана бомба“ на своја територија. Западните и украинските власти ја отфрлија таа теза како дезинформација и изговор за ескалација на војната.
Западните официјални лица се уверени дека можат да ја направат разликата помеѓу руската вежба и секој потег на Путин што би сугерирал дека тој планира да ги исполни своите нуклеарни закани.
„И покрај неиспровоцираната агресија на Русија и непромислената нуклеарна реторика, овие најави гарантираат дека не сме изненадени и го намалуваат ризикот од погрешна перцепција“, рече портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.