Владимир Путин е во очај и губи на фронтовите, а тоа би можело да го натера да отвори фронт на северот на Украина преку Белорусија со 40.000 војници, вели пензионираниот американски генерал Мајк Лајонс. На слично мнение се и британските служби кои велат дека Русите загубиле четвртина од своите авиони и хеликоптери и дека сѐ уште не се господари на украинското небо.
„Тоа претставува повеќе од 25 отсто од воената флота на руските воздухопловни сили од 90 Ка-52 и речиси половина од вкупните загуби на руски хеликоптери во Украина … Руските напаѓачки хеликоптери најверојатно претрпеле посебна штета од украинските преносни системи за противвоздушна одбрана – МАНПАДС, додека хеликоптерите често работат со помалку конзистентна горна покривка од борбените авиони, што не би се очекувало според руската воена доктрина“, се вели во извештајот на британското Министерство за одбрана.
Каков би бил новиот северен фронт на кој Белорусите се спротивставуваат? Минатата недела Лукашенко рече дека тој и Путин формирале нова воена сила од 70.000 белоруски војници и до 15.000 руски. Речиси 170 борбени тенкови, 200 оклопни транспортери, артилерија и авиони пристигнуваат во неговата земја како дел од „здружените сили“, пишува магазинот Сан.
– Се зборува за заедничка работна група меѓу белоруските и руските сили, па ако земете 15.000 руски војници и ги доведете во Белорусија и ги комбинирате со нивната армија од 20-25.000, ќе добиете неверојатни 40.000 војници таму – посочи генералот Лајонс и додава дека „отворањето на тој втор фронт би било важно бидејќи ќе ја принуди украинската војска да одговори со одредено ниво на сила“.
Кога Украинците ќе се зафатат на север, Путин ќе добие време и простор да одговори на југ, смета Лајонс. Генералот, сепак, предупредува дека белорускиот претседател Александар Лукашенко би можел да се соочи со бунт доколку ја втурне неговата земја во војна.
– Лукашенко го поддржува Путин, но белорускиот народ не ја поддржува оваа војна. Тие би можеле да ги имаат истите внатрешни проблеми и лесно да се случи рушење (на власта) во таа земја – посочи тој.
Сем Лионс и многу други официјални лица и експерти предупредија дека таквиот потег на Лукашенка би претставувал голем ризик.
– Тоа би било самоубиствено, многу лоша идеја, но кој знае што би можеле да направат – изјави Валериј Кавалеуски, поранешен белоруски дипломат, за Њујорк Тајмс.
Латвискиот министер за одбрана Артис Пабрикс оцени дека Лукашенко „се обидува да маневрира во сè потесен простор“.
Во меѓувреме, Украинците напредуваат и се на 30 километри до Херсон. Русите почнаа да ги одбиваат нападите со иранските дронови „Шахед“, но дали е тоа доволно за да се обезбеди превласт? Руските власти го евакуираа Херсон, а новомобилизираните неискусни војници ги оставија на другата страна на Дњепар за да избегнат директен судир со Украинците.
Германскиот канцелар Олаф Шолц, нападите со дронови на Русија ги нарече „очај на Москва“. Тој на конференција во Берлин ја нарече одлуката да се поддржи Украина најважна геополитичка одлука на оваа ера. Шолц смета дека Германија е добар пример дека една земја може да се обнови и по разорна војна.
– Оваа конференција зборува за создавање на Маршаловиот план за 21 век – подвлече германскиот канцелар.
Но, тука има еден нов проблем. За разлика од Германија која планира обнова на Украина по војната, Киев денеска нагласи дека сака обновата да почне веднаш.