Малолетници се степале во Куманово, употребувајќи метални и тврди предмети, соопшти денеска полицијата.
– Вчера од 17:30 до 18:30 часот во Полициската станица Куманово на службен разговор биле повикани пет малолетници од Куманово затоа што со група од други малолетници околу 13 часот пред средно училиште во Куманово физички ги нападнале Ф.К.(18) и уште едно лице, двајцата од село Слупчане, липковско, ученици во училиштето – информираше полицијата.
Според пријавеното, при нападот тие употребиле метални и тврди предмети и им нанеле повреди. По целосното расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.
За оваа тепачка вчера објави и ТВ Алсат-М кога на социјалната мрежа Фејсбук сподели видео од масовната тепачка во Куманово.
Од снимката, којашто сега веќе е избришана и не може да се изгледа, можеше да се забележи дека голема група средношколци буквално не знаат како маваат еден по друг, користејќи ги сите расположливи средства.