Вистински хаос владее во ЈСП „Скопје“, сведочат возачите кои велат дека таквата ситуација почнала во јуни годинава кога тие најавија протест преку кој сакаа да укажат на ниските плати и на тешките услови за работа.
Возачите се сомневаат дека по постигнувањето на договорот за зголемување на платите за 2.800 денари, почнувајќи од јуни, следеле одмазднички потези во претпријатието кои натежнале врз нивниот грб.
– Внатре, во фирмата, владее класичен хаос. А целиот проблем почна пред неколку месеци откако ние вработените во ЈСП побаравме зголемување на платите. Тогаш се заканивме со штрајк, но од раководството веднаш нѐ информираа дека барањата ќе ни бидат прифатени. И тогаш всушност започна одмаздата. Ни ги зголемија платите, ама ни ги загорчија животите. Ако јас цел живот возам автобус со број 22, сега морам да работам двократно и да работам на две возни линии кои немаат никаква поврзаност една со друга. На пример, во 8 часот тргнувам од Ѓорче Петров до Автокоманда, а завршувам во 12 часот. Потоа си одам дома и во 16 часот продолжувам со втора смена почнувајќи во Ченто и завршувам дури во 22 часот. Но, ова не се случува само со мене, туку буквално со сите возачи во ЈСП – вели за Плусинфо возач на ЈСП кој сакаше да остане анонимен.
Истото ни го потврди уште еден возач со кого разговаравме и притоа додаде дека многумина не можат да издржат, па измислуваат дека се болни и земаат боледувања.
– Веќе со години возам на една линија, но кога се побунив веднаш бев преместен во друга база и бев ставен на ротација на линиите. Еден ден возам една линија, друг ден друга, тоа е неиздржливо – ни потврди тој.
Тие исто така додаваат дека многу автобуси се расипани, а од претпријатието не ги поправаат оти наводно немаат пари.
На видео снимка на возачите со в.д. директорот Александар Стојковски снимена вчера во 4.30 часот наутро кога возачите одлучија да не ги подигнат патните налози и да не седнат зад воланот, се слуша како возач го предупредува директорот да не се случи во иднина поради сегашниот протест да им се одмаздуваат на возачите како што тоа се случувало досега.
– Немој да му текне на некој да се јави зошто не сум излегол да возам. Јас си го почитувам моето право, Синдикатот ме има повикано и јас ја почитувам синдикалната организација. Не сакам oткако ќе заврши оваа церемонија некому да му текне да тероризира возач зошто не излегол, сите знаете зошто не сме излегле. Ви кажувам тука пред камерите и апелирам да не се случуваат притисоци како досега, некој кажал нешто ајде во Ѓорче или ајде во Автокоманда, тоа е мобинг – му порача еден од возачите на директорот Стојковски, кој бил забележан од вработените, синдикалните лидери, но и од новинарите како цело време го снима протестот со својот мобилен телефон.
Возачот уште еднаш му потенцираше на директорот дека на возачите им е преку глава и му порача сите проблеми да си ги расчисти на друго место, а не бидејќи не може по „коњот, да удри по самарот“, поточно преку нив да се извршуваат други работи.
Во разговор за Плусинфо, претседателот на синдикалната организација на ССМ при ЈСП „Скопје“, Миќо Стојановски ни ги потврди информациите за закани кон вработените во претпријатието од раководни лица.
– Се сложувам со вас дека има чести појави на мобинг врз вработените од раководните лица, но не во целост, но има такви појави и гледаме да ги елиминираме. Најмногу реакции имавме кога беше донесена одлуката на директорот дека сите возачи ќе ротираат во круг, двосменски и тросменски служби. Тогаш се појави револт кај возачите кои возеа едни исти линии, но се појави и револт кај тие што ротираа. Раководството тогаш ценеше дека треба сите да ротираат со цел да се најде некое правилно решение. Оние кои беа малку погласни беа префрлани од една база во друга, но сега мислам дека тоа е стопирано, а дали сега повторно ќе се случи, не можам да ви кажам – ни рече Стојановски.
Тој ни кажа дека редовно добиваат закани и кривични пријави, но дека се навикнати на тоа и дека тоа е дел од нивниот живот.
– Добиваме закани од Градот, од институциите дека тоа што го правиме не било добро, исто така и од рекетари и многу други, но ние затоа сме Синдикат и ги претставуваме вработените во ЈСП и сме помирени со тоа, што да правиме – вели Стојановски.
Градоначалничката Данела Арсовска преку директорот Стојковски се закани со кривични пријави кон дваесетина луѓе од ССМ и од т.н. независен синдикат на ЈСП кои наводно ги спречиле возачите на автобуси редовно да си ги вршат своите работни задачи, спротивно на член 35 од Законот за Јавните претпријатија со кои се уредува начинот на штрајк.
– Овие дваесетина лица немаат штрајкувачки одбор, ниту пак имаат пријавено редовен штрајк. Дури и во случај да го имаа редовно пријавено штрајкот, истите согласно Законот за јавни претпријатија мораат да обезбедат редовно функционирање на претпријатието додека трае штрајкот – рекоа од ЈСП.
На ова следеше одговор од ССМ од каде што рекоа дека градоначалничката Арсовска и в.д. директорот на ЈСП Стојковски оставиле повеќе од 1.000 семејства на вработените во ЈСП да трпат за леб, а за прв пат ги оставиле скопјани и без јавен превоз.
– Град Скопје да поднесе кривични пријави против градоначалничката Данела Арсовска и в.д. директорот на ЈСП, Александар Стојковски по член 166 од Кривичниот законик кој покрај другото предвидува дека тој што свесно не се придржува кон закон, друг пропис или колективен договор, за засновање или престанок на работниот однос, за платата и надоместоците на платата итн., ќе се казни со парична казна или со затвор до една година и да не дозволат и да ги оставаат работниците сами да се справуваат со нив – реагираше ССМ.
Уште вчера попладне сите автобуси на ЈСП се вратија на улиците низ главниот град, откако Град Скопје обезбеди плата за вработените. Единствено утринава беа останати неколку двокатни автобуси на ЈСП „Скопје“ пред Владата, како што објаснија од Град Скопје како притисок да им се исплатат парите за ученички и студентски билети. Градоначалничката Арсовска и Град Скопје со ова практично сами го блокираа сообраќајот во главниот град, оти автобусите ја блокираа целата прометна улица и во утринскиот сообраќаен шпиц направија километарски колони на Партизанска.