Спортистите бараат од ФИФА да ја исфрли репрезентацијата од Светското првенство
Група ирански спортисти побараа од Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) да ја исфрли иранската репрезентација од претстојното Светско првенство поради бруталноста на владата кон сопствениот народ, но и поради тоа што на жените со години им беше забранет пристапот до стадионите.
Меѓу потписниците на писмото се и судијата на ФИФА Мохамад Реза Фегани, шампионот во џудо Вахид Сарлак и поранешниот репрезентативец Шива Амини, објави „Скај“.
Писмото го објави спортската компанија од Валенсија Руиз-Хуерта и Креспо.
„Бруталноста и воинственоста на Иран кон сопствениот народ достигнаа крајна точка, барајќи недвосмислено и цврсто одвојување од светот на фудбалот и спортот. Фудбалот, кој треба да биде безбедно место за сите, не е безбеден за жените, па дури ни за мажите“, се вели во соопштението.
„На жените постојано им се забранува пристап до стадионите ширум земјата и се систематски исклучени од фудбалскиот екосистем во Иран, што е во целосна спротивност со вредностите и статутите на ФИФА“, се вели во соопштението.
Светското првенство ќе се игра во Катар од 20 ноември до 18 декември.
Репрезентацијата на Иран е во група со Англија, Велс и селекцијата на САД.
Протестите во Иран почнаа на 16 септември поради смртта на 22-годишната Маша Амини, која неколку дена претходно беше приведена поради неправилно носење хиџаб.
Иранската полиција брутално ги задушуваше протестите, стотици демонстранти беа уапсени, а повеќе од 120 лица загинаа.