ЕСМ не потпиша договор за набавка на природен гас за производство на топлинска енергија за месец ноември. Единствената компанија која доставила понуда на огласот, „Макпетрол“ соопшти дека не ги најавила и платила потребните количини природен гас кај својот добавувач бидејќи не добила потврда за понудата до предвидениот рок.
Компанијата, како што соопшти, требало да добие одговор од ЕСМ до 17 октомври.
„ Макпетрол АД ја известува пошироката јавност дека минатата недела, на 12-ти октомври достави понуда до АД ЕСМ за количините потребни за топланите Исток и Запад за месец ноември. Крајниот рок за прифаќање на понудата од страна на АД ЕСМ измина на 17 овој месец, за што дотогаш компанијата Макпетрол АД мораше да ги најави и плати потребните количини кај својот добавувач. АД ЕСМ до вчера не ги потврди потребните количини, поради што Макпетрол АД ги најави останатите количини за своите потрошувачи без количините потребни за производство на топлинска енергија за топланите Исток и Запад“, се наведува во соопштението.