Раководството на репрезентативните синдикати на ЈСП денеска попладне на состанок ќе одлучува дали ќе ја реализира најавата за прекин на работата, откако во меѓувреме од ЈСП Скопје соопштија дека ќе ја исплатат заостанатата плата во наредните два дена.
Претседателот на Синдикатот на работниците од сообраќајот и врските (СРСВМ) Миќо Стојановски, за МИА изјави дека во ЈСП многу долг период наназад доцни исплатата на платата, поради одредени причини. Како што рече, веќе 35 дена немаат примено плата.
-Ние во ЈСП ги сервисираме и возилата на Противпожарната бригада на Скопје и на Градот Скопје. Зголемен е и обемот на работа, меѓутоа обврските Градот Скопје кон нас перманентно со месеци и години не ги извршува. Сите одлуки на Советот на Град Скопје за зголемување на автобуски линиии, за зголемување на обем на работата ние ги почитуваме, а 60 отсто од нашите корисници се бенифицирани корисници, пензионери, ученици, студенти..и ние всушност не остваруваме приход, не сме профитабилна фирма – додаде Стојановски.
По добиеното известување од ЈСП дека вработените во наредниве денови ќе ја добијат заслужената плата, Стојановски рече дека денеска во 15 часот ќе одлучат за понатамошните чекори.
Од ЈСП денеска соопштија дека вработените во наредните денови ќе ја добијат заслужената плата и оти нема да дозволат скопјани да останат без јавен превоз. Очекуваат дека час поскоро ќе ги подмират минатогодишните долгови и тековните обврски како не би се довела во прашање редовната работа на претпријатието.
„Веруваме дека централната власт и дел од општините ќе ги исплатат заостанатите обврски кои ги имаат за испорачаната услуга од страна на ЈСП за организиран превоз за одредени категории патници, средства со кои се исплаќа платата за вработените во ЈСП. И покрај тешката ситуација, на која никој во државата не остана имун, работиме за јавниот превоз да продолжи да функционира без проблеми во интерес на сите негови корисници“, соопштија од ЈСП Скопје.