Заврши годинешниот 25. Меѓународен фестивал „Денови на комедија” во Куманово, во организација на НУЦК „Трајко Прокопиев” – Куманово. На последната фестивалска вечер традиционално настапи кумановскиот театар со претставата „Секс и лаги”.
Годинава, новина е што стручно жири додели и награди за повеќе категории. Како што објавија од НУЦК „Трајко Прокоипев” Куманово, стручното жири, претседателката Магдалена Ризова Черних (актерка) и членовите на жирито, Драгана Таневска (режисерка), Илија Струмениковски (актер), Петар Андоновски (писател), и Крсто Богојевски (сценограф) одлучија наградата за најдобра актерка да и биде доделана на Горица Поповиќ (за улогата на Флоренс Фостер Џенкинс во претставата „Славна Флоренс”) Атеље 212 – Белград, Република Србија, најдобар актер – Димитар Ѓорѓиевски (за улогата на слугата Пеце во претставата „Да инспекторе, претстава со грешки”) Театар Прилеп. Наградата за најдобра сценографија ја зеде Илина Ангеловска (сценографија во претставата „Да инспекторе, претстава со грешки”) Театар Прилеп, најдобра костимографија, Кирил Наумов („Службогонци”) Драматичен Театар Ловеч, Република Бугарија, најдобра режија, Коле Ангеловски (режија за претставата „Паника во хотел Палас) Театар Струмица и најдобра претстава, „Секс и лаги” Театар Куманово.
– Образложенијата за одлуките ќе бидат објавени дополнително и при доделување на наградите на ансамблите и на добитниците на наградите, велат од НУЦК „Трајко Прокопиев” Куманово.
Директорот на установата, Сашо Тодоровски рече дека е презадоволен од настапите на театрите, организацијата и реакцијата на публиката. За скоро сите претстави продадени биле околу 6.500 карти.
– Со кумановската претстава заврши 25-то јубилејно издание на Денови на комедија. Како институција навистина сме задоволни како и секоја година и годинава имаше огромен интерес за фестивалот. Публиката беше присутна на сите претстави, што покажува дека Куманово сака театар и дека овој фестивал треба да живее и треба и понатаму да биде белег и столб на овој град од културен аспект, изјави Тодоровски.
За наредната година менаџерскиот тим на установата размислува продажба на дел од картите за претставите и онлајн со тоа што поради провизиите на деловните банки, билетите би биле нешто повисока цена.
Кумановци уживаа во градски театар Винковци со „Приватни животи”, штипскиот и претставата „Власт”, прилепскиот со комедијата „Да, инспекторе”. На годинешниов фестивал настапи и „Атеље 212″ од Белград со „Славна Флоренс”, агенцијата „Импресарио” од Белград со „Позови М ради ужитка”, струмичкиот со „Паника во хотел Палас”, драматичниот театар Ловеч со „Службогонци”. Љубителите на комедијата го проследија и приштинскиот театар со „Сумљиво лице”, битолскиот со „Малиџано”, тетовскиот со „Малограѓанска свадба”, велешкиот со „Слуга на двајца господари”.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура со милион денари и Општина Куманово со 450 илјади денари.