Францускиот претседател Емануел Макрон го повика денеска рускиот претседател Владимир Путин да се откаже од војната во Украина, нагласувајќи дека светот не сака да види ескалација на насилството, јави ДПА.
– Не сакаме светска војна. Ние ѝ помагаме на Украина да се спротивстави на нејзината територија, а не да ја напаѓа Русија. Владимир Путин мора да ја прекине оваа војна и да го почитува територијалниот интегритет на Украина – напиша денеска Макрон на Твитер.
Тој во својата објава се осврна и на континуираното снабдување со оружје од Франција за Украина, најавено претходната вечер.
Помошта вклучува „хаубици Сезар, радари, системи и проектили за ПВО, оклопни возила и обука”. Макрон вети дека Франција „ќе продолжи да го поддржува украинскиот отпор и да ја зголеми воената помош”.
Во меѓувреме, министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ најавија дека ќе одобрат нова транша од воена поддршка за вооружените сили на Украина следната недела во Луксембург.
– Со тоа нашата воена помош од европски извори ќе надмине три милијарди евра – изјави денеска во Брисел високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Жозеп Боре пред состанокот на министрите за одбрана на НАТО.
Тој најави дека Европската Унија ќе формира и мисија за обука на украински војници.
– Ќе продолжиме да бараме дипломатски решенија за ставање крај на војната, но решени сме да продолжиме со воената поддршка за Украина сè додека е потребно – рече шефот на европската дипломатија.
Министрите за правда на земјите од ЕУ денеска во Луксембург донесоа одлука земјите-членки на Европската Унија да добијат уште 3,5 милијарди евра за помош на украинските бегалци.
Парите ќе се обезбедат од европските фондови за регионален развој. Ослободувањето на средствата беше предложено од Европската Комисија и одобрено од Европскиот Парламент.
Од почетокот на војната во Украина, повеќе од 7,6 милиони луѓе побегнале во други европски земји, покажуваат податоците на Високиот комесаријат за бегалци на ОН.