Глаобалната енергетска криза значително ја стопираше енергетската транзиција на РЕК Битола, односно преминот кон т.н. зелена енергија која се добива од обновливи извори, како што се ветерници, фотоволтаични централни и турбини на природен гас, кои се сметаат за значително помал загадувач од мазутот и јагленот што сега се користеле.
Според енергетската стратегија на државата, се предвидува откако ќе се исклучат блоковите и ќе прекине производството на електрична енергија од јаглен, да се изградат гасни централи кои ќе бидат замена на централите кои како гориво користат јаглен. Во план е изградба на соларни електрани, а веќе е почната изградба на една таква со капацитет од 120 мегавати во Осломеј. Во завршна фаза се подготовките за распишување тендер за производство на 280 мегавати електрична енергија во кругот на РЕК Битола.
– Конкретно за РЕК Битола постојат две можности за трансформација од блоковите за јаглен во гасна централа која користи природен гас како гориво за производство на електрична енергија. Првата е постоечките капацитети од производство на јаглен да се преадаптираат со дополнително вложување, дел од опремата да се искористи и да се пренамени за производството на струја да биде од природен гас. Но за нас подобро е да се направи комплетно нова постројка на гас, затоа што овие блокови се стари повеќе од 40 години, опремата е во завршни години на експлоатација, потрошеност на материјалите, ова е стара технологија којашто има низок коефициент на ефикасност – објасни директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.
Тој потенцира дека новата опрема од 100 единици природен гас ќе извади повеќе количина електрична енергија, отколку старата опрема. Се планира да заврши употребата на старите блокови и само мал дел да се користи за новите постројки.
– Во план е комплетно нова гасна постројка за тука во РЕК Битола, која ќе биде со снага од 250 до 400 мегавати, односно да покрие два од сегашните блока и да произведува и електрична енергија и топлинска енергија. Од претходната година го градиме топловодот од РЕК Битола преку општините Новаци и Могила до градот Битола, кој ќе биде во функција во следните 3 до 4 години и со тоа ќе се обезбеди затоплување на градот, прво со евтин, а второ со еколошки енергенс како што е природниот гас – објасни Ковачевски.
Изградбата на нова гасна когенеративна постројка според проценките на компанијата би требало да чини од 300 до 500 милиони евра, но оттаму сметаат дека како што минува времето поскапуваат и материјалите за нејзино производство, како и елементите коишто ја сочинуваат и се носители на гасната централа, па така во наредниот период ќе биде потребно да се издвојат сериозни средства, пред сѐ на компанијата, како и кредитни средства по поволни каматни стапки, но и грантови кои ќе ѝ помогнат на Македонија успешно да ја направи енергетската транзиција.
Директорот посочи дека Македонија е увозно-зависна држава кога станува збор за електрична енергија, притоа потенцирајќи дека тоа што сме го пропуштиле во овие 30 години, не може да се промени преку ноќ, а и да се надополни за 30 месеци, но дека постојат развојни компоненти.
– АД ЕСМ има 12 големи инвестиции кои се планирани во следните 10 години, коишто е потребно да направат дополнителни 1.760 мегавати инсталирана моќ и конечно нашата држава да произведува електрична енергија онолку колку што троши – објасни Ковачевски.
Првичниот план и енергетската стратегија на земјата со РЕК Битола беше во 2025-26 со завршување на грејната сезона да заврши работата на блок 1, за 2027-28 да биде исклучен блок 2 и 2030-31 да биде исклучен блок 3, односно да биде завршено производството на електрична енергија од јаглен. Но енергетската криза ги пролонгираше овие процеси на транзиција кон зелена енергија.