Американскиот претседател Џо Бајден рече дека „ќе има последици“ за Саудиска Арабија по минатонеделната одлука на земјите од нафтениот картел „ОПЕК плус“ за намалување на производствените квоти.
– Ќе има последици за она што го направија со Русија – изјави Бајден во интервјуто за Си-ен-ен, без да прецизира какви одлуки може да се донесат.
Неодамнешната одлука на „ОПЕК плус“, во која е и Русија, да го намали производството на нафта за два милиони барели дневно, го налути Западот, каде многумина во таквата одлука видоа потег што ќе му помогне на Путин да ја финансира руската војна во Украина.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД Џон Кирби вчера изјави дека претседателот Бајден има намера да ги „преиспита“ односите меѓу САД и Саудиска Арабија по одлуката за намалување на квотата за производство на нафта, што може да доведе до скок на цената на енергенсот.
Кирби додаде дека Бајден е подготвен заедно со Конгресот да ги разгледа опциите за тоа какви треба да бидат односите со Саудиска Арабија.
Картелот „ОПЕК плус“ го сочинуваат 13 земји-членки на ОПЕК предводени од Саудиска Арабија и уште десет нивни партнери предводени од Русија.