Владата на денешната седница донесе одлука да им се овозможи олеснет влез на украинските државјани во Македонија поради воените дејствија во таа земја.
– На украинските државјани им се овозможува олеснет влез, во смисла да не се покажува негативен ПСР-тест на граничните премини – рече портпаролот Душко Арсовски.
На украинските државјани кои во моментов престојуваат во Македонија ќе им се овозможи продолжување на престојот.
Арсовски дополни дека во моментов се прави анализа за сместувачките капацитети кои би биле понудени, а ќе има и помош за Украина во здравствениот сегмент, особено во делот на донирање на единици крв.
На предлог на Министерството за надворешни работи Владата денеска на седница ја усвоила Информацијата за состојбата со граѓаните на Северна Македонија во Украина и потребата за преземање мерки за прифаќање украински државјани кои се приморани да ја напуштат својата држава.
-Согласно одлкуката на Владата, највисоки ресорни институции се задолжуваат во најскоро време да достават информација за расположливите државни сместувачки капацитети со цел подготвеност за евентуална бегалска криза, појасни на денешната прес-конференција владиниот портпарол Душко Арсовски.