Не смее да се дозволи работниците да се омаловажуваат, а нивниот труд да не се плати. Работодавачите треба да ги почитуваат законите и да исплаќаат плата навреме, велат економисти и синдикати откако работници алармираа дека во некои компании работодавачите им исплатиле нето-плата од 1 или 5 денари, а во Управата за јавни приходи имаат поднесено уредни документи дека исплатиле плата.
Ова се мали исклучоци на компании кои се соочуваат со голема неликвидност поради високите трошоци во последните две години, велат работодавачите.
Управата за јавни приходи, пак, веќе поднела иницијатива за промени на законите.
Работниците се револтирани што со години алармираат на незаконски појави кои им се случуваат со и околу платите, но решение на проблемот нема.
– Мислите дека само во текстилната индустрија се случувааат вакви појави. Не, ги има и во други сектори, но работниците молчат и чекаат плати со месеци. Некои тивко заминуваат на друго работно место. Но, сите размислуваат да заминат во странство. Па еве јавно ги прашувам работодавачите: дали сте се обиделе да проживеете барем два дена без пари? Јас често преживувам месец без плата. Некогаш и два и три. Прашувате: Како? Е, па со долгови до гуша за режиски трошоци, со повремено исклучена струја, и, за среќа, со помош на моите пензионирани родители. Да сум сам и јас не би можел – вели работник од услужна дејност.
Податоците на УЈП говорат дека само во август близу 5.000 работодавачи не исплатиле плата на работниците, а ист број работодавачи воопшто немаат поднесено пресметки за да исплатат плата на повеќе од 10.000 работници.
Во Сојузот на синдикатите за 6 месеци од годинава се евидентирани 34.674 обраќања од работници по разни основи за заштита на правата од работен однос, од кои 20.053 обраќања се однесуваат за неисплатена плата, надоместоци, додатоци на плата, неосновано намалена плата, исплатена плата под минималната плата итн., од кои најголем број се работници кои не се синдикално организирани.
– Работодавачите и во оваа енергетска и економска криза манипулираат со работниците и со исплатата на нивните плати поради тоа што системот на УЈП нема ограничување и дозволува истите да извршат исплата на 1,3,5, 50 денари итн., што работодавачите си го толкуваат дека е законски, а што всушност е спротивно на Закон и колективен договор и вработените се оштетени, ако имаме предвид дека платата е составена од основна плата, дел од плата за работна успешност и додатоци на плата, а основната плата за најниско платените категории на работни места не може да биде пониска од минималната плата утврдена со Закон која денес изнесува 18.000 денари и на неа се пресметуваат работната успешност, како и додатоците на плата за прекувремена работа +35%, за работа ноќе +35%, +5% за работа во смени, 50% за работа во ден на неделен одмор и 50% за работа во недела, +250% вкупно за работа на празник итн. – потсетуваат од ССМ.
Оттаму додаваат дека оваа појава најчесто ја има во компании каде што работниците не се синдикално организирани и на тој начин работодавачите ги манипулираат сметајќи дека работниците немаат правна заштита.
– Во Синдикатот на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на РМ (СТКЧ) кој е дел од ССМ, пред извесно време беше евидентиран единствениот случај од работодавец кај на работниците кои членуваат во синдикат незаконски исплаќал плата во износ од 2, 5, 50 итн., денари. За тоа ССМ заедно со СТКЧ пред надлежниот суд во Штип отворија стечајна постапка за престанок на работодавецот Баргала АД Штип за незаконско исплаќање плата. Постапката сè уште е во тек, а работодавецот беше принуден да ја доплати разликата на помалку исплатената плата до платата утврдена во договорите за вработување на работниците – велат од ССМ.
Оттаму апелираат работниците да се организираат во синдикат за да се заштитат од таквите несовесни газди и да спречат непочитување на нивните работнички права.
– Сојузот на синдикатите гласно зборува дека државните институции, а особено УЈП треба да водат сметка за исплатата на нето платата на работниците, а не само да водат сметка за делот на државата, односно дали газдите платиле придонеси од плата. Поради тоа баравме и сè уште бараме законско регулирање на овие проблеми на работниците, а доколку не се случи тоа поскоро, ССМ како многу пати претходно ќе поднесе предлог Закон непосредно до пратениците за да ја принуди државата и нејзините институции да реагираат навремено на ваквите незаконски појави од газди кои ги оставаат без плата работниците во овие тешки услови за преживување – велат од ССМ.
Економистот и поранешен пратеник Маријанчо Николов вели дека законите треба да се почитуваат, а работодавачите не смеат да ги омаловажуваат работниците.
– Законите се јасни. Законот за исплата на плати вели до 15 во месецот да се исплатат придонесите, но до 25 исто така во месецот да се исплатат платите и тоа треба да се почитува. Истовремено, законот за минимална плата, пак, наложува работодавецот дека не може да исплати пониска плата од 18.000 денари. Што значи не смее да се исплаќа плата од 1 или 5 денари. Срамно е ако има фирми кои на работникот му исплаќаат ваква плата. Тоа е омаловажување на неговиот труд и не треба да се толерира. Замислете да отидете на банкомат и треба да извадите 1 или 5 денари. Инспекциските служби треба да преземат активности и да се сузбие појавата. Работодавачите не треба сите проблеми да ги решаваат преку грбот на работниците, туку да ги користат и другите ресурси за штедење – вели Николов.
За него е можно решение и со промени на законските решенија.
– Може на пример да се направи измена на законот на исплата на плати и придонеси со кои на работодавачите ќе им се наложи да ги исплаќаат истовремено платата со придонесите кон државата. Притоа да се даде временски простор од неколку дена во кој работодавачите би можеле да го сторат тоа. На пример, период од 15 во месецот до 25 или 30 во месецот. Со тоа би им се овозможил простор на компаниите да ги намират обврските и кон работниците и кон државата, па ваква состојба би била неможно да се случи – вели Николов.
Тој смета дека синдикатите и работничките здруженија треба да бидат поактивни во откривањето на девијантните појави и да алармираат за нив.
– Најчесто работниците се малку информирани за своите права и се плашат да пријавуваат вакви злоупотреби на законите. Затоа синдикатите каде што ги има и здруженијата на работници треба да бидат будни и да ги следат состојбите – вели тој.
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи вели дека ова се ретки исклучоци во исплатата на платите и ги прават компании кои имаат големи проблеми со ликвидноста.
– Тоа се главно мали компании кои поради тоа што немаат финансиски резерви и во услови кога имаат големи трошоци како сегашните за плаќање енергенси, не можат да ја исплатат целосно бруто-плата. За да ја исполнат законската обврска за исплата на плата, тие до 15 во месецот ги уплаќаат обврските за придонеси и даноци кон државата, но не ја исплаќаат и нето платата, за која ставаат произволна бројка. Неа ја оставаат за подоцна кога ќе имаат пари. Но, ваквата состојба за овие компании не може да оди во недоглед, бидејќи работодавачите во земјава не смеат да исплатат плата под минималната, а работниците од своја страна имаат можности да достават претставки до Инспекторатот за труд и ова прашање многу брзо да го решат. Не им треба ниту тужба. Дополнително, поради големата побарувачка на работници, тие можат во секое време да ја напуштат компанијата и да најдат нова работа што, пак, е проблем за работодавецот – вели Димитров.
И тој вели дека работодавецот, законски не смее да исплати плата под законскиот минимум од 18.000 денари, односно минималната плата.
– Во овој случај УЈП како даночна институција има податок дека се платени придонесите и даноците кон државата и нема обврска да контролира колкава е платата на работниците. Министерството за труд и социјална политика преку Инспекторатот за труд треба да го сузбива проблемот – вели Димитров.
Проблемот го има согледано и Управата за јавни приходи.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска на дебата организирана од здружението „Гласен текстилец“ рече дека ваквата состојба е резултат на „едно неславно законско решение“ и дека веќе е поднесена иницијатива за промени за да не се случуваат вакви неправилности.
– Сите заеднички ќе мора да се бориме против оваа појава. Исплаќањето на плата е на некој начин е човечко право, коешто мора ние овде во нашата држава да го гарантираме, ако сакаме да понудиме добри услови и на сите оние странски компании кои сакаат да вложуваат тука, но и да овозможиме еден успешен животен стандард – рече Лукаревска.