Со проекција на филмот „Враќање во тие денови“ во режија на Конрад Аксинович, во Кинотека беше означен почетокот на програмата „Вистула“ на Киненова. Станува збор за соработка меѓу МФФ Киненова и полскиот фестивал „Вистула“ кој донесува избор од нови наслови од филмската продукција на Полска.
Директорката на фестивалот „Вистула“, Малгоржата Шлаговска-Скулска, се надева дека првите проекции на фестивалот во земјава ќе бидат убав почеток на нова традиција, а насловите што ги избрале ќе одговараат на вкусовите на македонските гледачи.
– Бидејќи се грижиме за жанровската и тематската разновидност на репертоарот, убедена сум дека секој љубител на доброто кино ќе најде нешто за себе. За да ги исполниме очекувањата на македонската публика, избравме една од највредните полски продукции и вложивме максимални напори да подготвиме најразновиден репертоар – истакна Шлаговска-Скулска во својата порака.
Драмата „Враќање во тие денови“ е автобиографски филм за семејната историја на 14-годишниот Томек. Сакајќи да ја подобри финансиската ситуација на семејството, неговиот татко заминува во САД. Неочекувано, тој се враќа дома со куп подароци, но не ја објаснува причината за неговото враќање. На прв поглед сите изгледаат среќни, но има нешто вознемирувачко во ситуацијата…
Режијата и сценариото на филмот се на Конрад Аксинович, а улогите ги толкуваат Мачиеј Стухр, Вероника Кшиазкиевич и Теодор Кожар.
Режисерот Аксинович (1978, Вроцлав) изјави дека децата што го гледале филмот биле трогнати и некои од нив имале слично искуство како неговото и истовремено биле среќни што не се сами во тоа што го доживуваат.
– За мене тоа е најголемото признание и среќен сум што има голем ефект во различни држави, зашто додека го снимав не бев свесен дека така ќе влијае на публиката – рече режисерот Аксинович.
Најголемо влијание врз него имале филмовите „Војна на ѕвездите“, „ЛЕГО коцки“ и „Мапет шоу“.
– Имам идеја за научно-фантастичен филм, но за тоа треба голем буџет и во Полска не се снимаат такви филмови. Исто така, сакам да снимам филм за еден рокбенд и во моментов работам на авторските права за нивната музика – откри Аксинович.