Министерството за транспорт и врски ги разгледало документите за проектот за изградба на филмски студија во Општина Карпош и во текот на денов или утре ќе ја информира владината Комисија за економски систем по што се очекува Владата да заземе став за проектот што го најави американската филмска ѕвезда Џон Малкович.
– До Комисијата во Владата беше доставено барање за проект од неколку компании, кое е препратено до Министерството за транспорт и врски. Кај нас се формираше оперативна група и комисија којашто одржа прв состанок на кој што ги разгледа првично документите. Оперативната група веќе во текот на денов или утре ќе ја информира Владата за тоа каква е документацијата, што е она што е потребно дополнително да се појасни во однос на овој проект и да се дискутира – рече Бочварски, одговарајќи на новинарско прашање по распределбата на социјални станови во Пробиштип.
Тој додаде дека веројатно ќе има потреба од дополнителни координации со Општина Карпош поради тоа што земјиштето на кое ќе се градат студијата е на нејзина територија.
Бочварски не сакаше да коментира кога би се реализирал проектот.
– Има одредени микро локации што ги даваат во својот проект инвеститорите, но на таа микро локација е изработен и е во сила Детален урбанистички план. Поради тоа мораме со Општина Карпош да ја разгледаме целата оваа постапка, да не има некое приватно земјиште. Корисничките права се исклучително важни во секој па и во овој проект. Потоа на седница на Комисијата во Владата што ја води потпретседателот Битиќи ќе се разговара со сите аргументи. Сметам дека после тоа Владата ќе заземе став, наше е да ги разгледаме сите документи и да ја информираме – изјави Бочварски.
Во август годинава американската филмска ѕвезда Џон Малкович најави дека во Скопје ќе се снимаат холивудски филмови, веднаш откако ќе се изградат повеќе филмски студија во околината на градот во рамки на проектот „Скопје технолошки парк“. Тој најави дека ќе го посети Скопје, откако Владата ќе го одобри проектот кој одлучиле да го наречат „Стоунбриџ студија“ во чест на, како што објасни тој за МТВ, богатата култура и неверојатната историја на македонскиот народ.
Претходно, Неби Хоџа, претседателот на Стопанската Комора на Северо-Западна Македонија и еден од основачите на „Технолошки парк Скопје“, изјави дека филмските и музички студија би се граделе кај касарната Илинден.