Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија мора да престане да ги бомбардира украинските градови пред да започнат преговорите за целосен прекин на огнот, откако првата рунда разговори меѓу двете страни оваа недела не даде резултати.
Во интервју од добро чуваниот владин комплекс, Зеленски ги повика членките на НАТО да воведат зона на забранети летови за да ги запрат руските воздухопловни сили, нагласувајќи дека тоа ќе биде мерка на претпазливост што не треба да ја вовлече Алијансата во војна со Русија.
Зеленски, кој ги одби понудите да го напушти главниот град додека руските сили напредуваат кон Киев, исто така рече дека неговата земја ќе бара законски обврзувачки безбедносни гаранции доколку НАТО ги затвори вратите за Украина за членство во Алијансата.
Зборувајќи за украинските услови за понатамошни разговори со Москва, Зеленски во заедничкото интервју за Си-Ен-Ен и за агенцијата Ројтерс рече дека е потребно само да се запре руското бомбардирање на цивили, а потоа да се седне на преговарачка маса.
Рускиот претседател Владимир Путин пак, повтори дека Владата во Киев мора да ги признае самопрогласените „народни републики“ Луганск и Доњецк како услов за завршување на „воената операција“ во Украина, соопшти Кремљ.
Киев, исто така, мора да го признае суверенитетот на Русија над Крим и да се обврзе дополнително да се откаже од нуклеарното оружје во иднина, соопшти Кремљ.
Покрај тоа, Украина мора да биде демилитаризирана и да усвои неутрален статус, нагласи Путин.
Тоа е прва изјава од ваков вид откако претставниците на Украина и Русија одржаа мировни преговори во Белорусија во понеделникот.