Ректорите на трите универзитети, проф. д-р Никола Јанкуловски, Универзитет Св. “Кирил и Методиј” Скопје, проф. д-р Сашо Коруновски, Универзитет “Климент Охридски” Битола и академик проф. д-р Абдулменаф Беџети, Универзитет на Југоисточна Европа – Тетово кои во исто време се и членови на Собранието на Стопанската комора на Северна Македнија, ја потпишаа Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки, што е уште една потврда на високо образовните институции за поврзаност кон вистинските вредности во државата, во клучниот момент кога кризите ја доживуваат својата кулминација.
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески по потпишувањето истакна дека е особено важно, бизнисот и образованието да станат доминантни прашања во државата во следите 10 години, бидејќи тоа не е прашање што се решава за една година, туку прашање за кое е потребен подолг период. Декларацијата усвоена од Собранието на Стопанската комора на 14 јули по повод 100-годишнината на Комората, во која се бара нов економски договор, како и враќање од партиските агенди на државната агенда, е од исклучително значење бидејќи само државната агенда може да го зачувува бизнисот и неговиот развој како единствен кохезиски фактор во државата.
Ректорите на трите Универзитети се едногласни дека економскиот договор е определба која ги поврзува заинтересираните страни, а улогата на високообразовните институции е да испорачаат квалитетни кадри со што стопанството ќе може да го оствари својот развој кој е во интерес на државата. Впрочем и нивната структура на делување се состои од три столба: образование, наука и поврзување со заедницата со што се потврдува нивната општествена одговорност особено сега во услови на криза.
Бизнисот и образованието упатуваат заедничка порака до државата дека градењето нов економски договор е приоритетен интерес на сите во процесот на приклучување на земјата кон Европската Унија и особено во услови кога градиме стратешки прашања на меѓународен план.
Декларацијата е веќе потпишана од повеќе од 130 компанија (30 големи, 40 средни и 61 мала компанија), и институциите: МАНУ, Универзитетот американ колеџ Скопје, Организацијата на работодавачи на РМ, Занаетчиска комора на РСМ, Сојузот на стопански комори на Македонија и Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија, како застапништво на Унијата на германските комори за индустрија и трговија (ДИХК) во Берлин.