По сликите на масовно бегање од Русија вчера и најавите на некои земји дека нема да ги пропуштаат на своја територија, Европската Комисија вели дека правото на ЕУ мора да се почитува, но дека секоја земја членка има право да одбие барање за азил, јави дописничката на МИА од Брисел.
Руските резервисти, кои масовно од вчера се обидуваат да ја напуштат земјата откако претседателот Владимир Путин најави делумна мобилизација во пресрет на референдумите во Донбас, се соочуваат сО неодамнешната одлука на ЕУ за суспензија на визната либерализација со Русија. Згора на тоа некои од соседните земји на Русија најавија дека нема да пропуштаат руски граѓани ниту по вчерашните најави на Путин.
Денеска новинарите од Европската Комисија бараа одговори за законитоста на ваквите одлуки, но и политичките последици на ненепропуштањето на лица кои не ја поддржуваат војната на Кремљ.
Од Европската Комисија добија релативно штури одговори.
Комисијата повтори дека правото на ЕУ во ниеден случај не е променето и дека правото на меѓународна заштита и азил останува загарантирано.
– Пристапот за лица кои бараат заштита мора секогаш да биде загарантирано, законската рамка не е променета – изјавија портпаролите на Европската Комисија, Анита Хопер и Ерик Мамер, за време на долга размена со новинарите во Брисел попладнево.
Но, додаваат тие, мора да се има предвид ризикот за безбедноста на земјите членки на ЕУ, на што се повикаа некои источноевропски држави вчера.
– Одредбите на граничниот код Шенген дозволува одбивање за внатрешни безбедносни причини и јавен ред, рече Анита Хопер, додавајќи дека е потребно да се елаборира заеднички пристап на ниво на ЕУ и да се подготват следните чекори, со оглед на тоа дека ова е новонастаната ситуација на границите на ЕУ.
Хопер истакна дека „ситуацијата е без преседан”.
– Мораме да ги имаме предвид геополитичките преокупации и ризиците, и барањата за виза мора да бидат проценети индивидуално, во тесен контакт сме со земјите членки за ова – изјави портпаролката Анита Хопер.
Таа потврди и дека се работи со Фронтекс за да им се помогне на земјите членки во управувањето со надворешните граници на ЕУ, која, како што рече, мора да биде во согласност со правото на ЕУ вклучително и темелните права во однос на процедурите за барање на азил.
Портпаролот Петер Стано од своја страна увери дека одамна веќе на министерско ниво се разговара на овие теми и дека се бара најдобар начин да се помогне на Украина и да се поддржат лицата кои се борат против режимот на Путин.