АД ЕСМ јавните набавки ги спроведува на транспарентно и со избор на најповолната добиена понуда не во четири очи. Постапката е спроведена со повикани четири понудувачи за едниот договор и три понудувачи за другиот договор, и дополнително присутни членови на комисијата за јавната набавка при поднесување на понудите, реагира компанијата на последниот извештај на Центарот за граѓански комуникации дека договорите во РЕК Битола се спроведени без објавување оглас.
„Потребно е Центарот за граѓански комуникации да ја информира јавноста дека ,,Постапка без објавување оглас” е одредба од Законот за јавни набавки, а не прекршување на Законот. Таквата набавка се спроведува исклучиво со добиена дозвола од Бирото за јавни набавки, по приложено издржано образложение за потребата и итноста која ја наложува таквата набавка во кус временски период, согласно непредвидени околности и околности на теренот“, стои во реакцијатана ЕСМ.
Оттаму појаснуваат дека при реализацијата на јавната набавка „Проширување на изработка на усека за раздвојување на ПК ПЈС”, АД ЕСМ врз основа на подготвено образложение од страна на стручните служби во РЕК Битола, најпрвин доби дозвола од Бирото за јавни набавки за спроведувањето на постапката без распишување на оглас.
„И покрај тоа што во ваков случај, АД ЕСМ има можност да склучи договор со економски оператор кој ќе го повика, врз база на претходно позитивно искуство од извршување на исти или слични услуги, согласно заложбите за транспарентност и инклузивност во јавните набавки што ги практикува компанијата, на јавната набавка беа поканети четири (4) понудувачи. Сите поканети економски оператори учествуваа во наддавањето, по што беше избрана понудата со најниска понудена цена“, стои во реакцијата.
Истите принципи, како што вели ЕСМ,се користени и при втората јавна набавка за „Ангажирање на помошна механизација за РЕК Битола”, само што во тој случај за учество во постапката биле поканети 3 фирми.
Во извештајот од мониторингот на јавните набавки лани Центарот за граѓански комуникации ги споменува овие тендери како најголеми склучени без објавен оглас, но со висок износ на пари.