На седницата закажана за утре(2 март) ќе се разгледуваат три иницијативи и еден предлог за одлучување:
1. Член 389-а во делот „договорна“ од Законот за облигацоните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/209 и 161/2009 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021)
Подносител: Дарко Јаневски од Скопје
Според подносителот на иницијативата со оспорениот член 389-а во делот „договорна“ од Законот за облигационите односи, законодавецот ги ставал граѓаните во подредена положба, со тоа што пропишал дека исклучиво договорната камата не можела да го надмине главниот долг, односно кога ќе се достигнел износот на главнината, каматата престанувала да тече, но не и кога се работело за казнена камата. Во таа смисла, законодавецот оставил можност, да се дојде до злоупотреба на правото во правниот промет, посебно од страна на субјектите кои имале монополска положба на пазарот.
2. Одлука за избор на Претседател на Собранието на Република Македонија, бр.08-1108/1 од 2 мај 2017 година („Службен весник на Република Македонија” бр.53/2017), донесена од Собранието на Република Македонија.
Подносители: Тодор Петров од Скопје, претседател на Светски Македонски Конгрес, Васко Лазески од Кичево, Богдан Илиевски и Борис Дамовски од Скопје и Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе
Во една од иницијативите е наведено дека оспорената Одлука е потпишана од неовластено лице во својство на заменик-претседавач на Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија. Подносителот смета дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија не е во согласност со членот 63 став 1 од Уставот поради тоа што Одлуката не била донесена на седница на Собранието на која требало да претседава претседателот на Собранието од претходниот состав кој ја свикува конститутивната седница на Собранието не подоцна од 20 дена по одржаните избори на 11 и 25 декември 2016 година. Меѓу другото, во иницијативата се наведува дека оспорената одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија, фактички била донесена по затварање на седницата на Собранието на 27 април 2017 година, од страна на неопределен број пратеници, и со тоа биле сторени повеќе кривични дела согласно Кривичниот законик. Оспорената одлука била потпишана од пратеникот Горан Мисовски, кој не бил претседавач на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија и како таква Одлуката која воедно била и објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2017 на 8 мај 2017 година била во спротивност со Уставот, Законот за Собранието на Република Македонија и Деловникот на Собранието на Република Македонија.
3. Одлука за усвојување на конечниот Предлог Детален урбанистички план – Урбана единица “В” – Блок 8 – Општина Гостивар, број 08-2101/1 од 25.12.2020 година.
Подносител: Шенол Ризванче од Гостивар, преку полномошник Вергин Шабани, адвокат од Гостивар
Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука која се однесувала на одредени катастарски парцели е во спротивност со наведените акти од причина што со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање истите биле наменети за домување во станбени згради А-А2. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одлука граѓаните се ставале во нееднаква положба од причина што во конкретниот случај градежната парцела, сопственост на подносителот на иницијативата, добивала помала пазарна вредност бидејќи останувала со намена А-А1 (домување во станбени куќи), бидејќи не била опфатена со ДУП во Блок 8.
4. Предлог за одлучување по предметот У.бр.109/2021 со нацрт-одлука
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијатива на Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ од Скопје со Решение У.бр.109/2021 од 22 декември 2021 година поведе постапка за оценување на оценување на уставноста и законитоста на членот 75 од Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување на подрачјето на Општина Ѓорче Петров, бр.08-1090/8 од 24.04.2015 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.4 од 28.04.2015 година) и членот 8 од Одлуката за измена на Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување на подрачјето на Општина Ѓорче Петров, бр.8-1188/7 од 30.06.2020 година („Службен гласник на Општина Ѓорче Петров“ бр.5 од 30.06.2020 година), донесени од Советот на Општина Ѓорче Петров, затоа што основано се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од одлуките со начелото на владеење на правото и начелото на уставност и законитост (член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот)како и со член 12 став 3 алинеја 8 од Законот за комунални дејности и член 21 став 2 и член 22 став 1 од Законот за локалната самоуправа.