Веќе трета недела откако почна новата учебна година, а учениците од четврто и од петто одделение сѐ уште немаат учебници, па мораат да учат од фотокопирани примероци. Сепак, од МОН за Плусинфо велат дека материјали има и дека тие биле доставени до општините од каде требало да бидат распределени до училиштата.
Родителите се револтирани поради тоа што нивните деца кои се во четврто и во петто одделение сѐ уште немаат учебници, па поради тоа, како што велат, мора да одвојуваат дополнителни пари за да им обезбедат фотокопирани учебници за да може да ја следат наставата.
– Исто како минатата година со постарата ќерка која беше четврто, сега и со помалата, немаме учебници за децата да може да учат. Поради тоа мораме некако да се снаоѓаме, па во некои од фотокопирниците купуваме готови материјали за децата да можат да следат настава – ни објасни скопјанката Марија.
Таа додава дека и скриптите и учебниците кои ги добиле, веќе не личат на ништо, недостасуваат страници, па затоа морале да купат нови фотокопирани материјали.
За зголемената побарувачка на скрипти за овие одделенија ни потврдија и од една фотокопирница во Скопје. Вработените ни објаснија дека од почетокот на годината многу често доаѓаат родители кои купуваат фотокопирани материјали од повеќе предмети составени во еден примерок и за тоа плаќаат од 600 до 700 денари.
Поради ваквата ситуација со која се наоѓаат учениците, како и родителите, кои во оваа економска криза треба да одвојат дополнителни средства за копирање, прашавме во Министерството за образование и наука, кога учениците во четврто и петто одделение ќе добијат учебници.
– Во изминатиот период интензивно се работеше на нови наставни програми за прво, второ, четврто и петто одделение. Бирото за развој на образованието ги подготви, а врз основа на истите се изработуваат нови учебници и сите се во различна завршна фаза на одобрување. Печатени учебници годинава ќе има и за учениците од четврто и од петто одделение, покрај електронската верзија која ќе биде исто така достапна – ни одговорија од МОН.
Оттаму за Плусинфо велат дека за да обезбедат сигурност дека учениците (од прво, второ, четврто и петто одделение) ќе имаат од што да учат, пред почетокот на учебната година биле изработени материјали за учење кои ја разработуваат материјата од првото тримесечје и дека тие се навистина креативни.
– Нивната дистрибуција до сите општини заврши заклучно со 31 август, пред почетокот на учебната година, исто како и испораката на учебниците за сите останати одделенија (трето, шесто, седмо, осмо и деветто). Материјалите и учебниците се печатеа во тираж согласно пријавените потреби на секое училиште – објаснуваат од Министерството.
Ден пред новата учебна година МОН упати апел до сите училишни раководства да се обратат до локалните самоуправи и да ги подигнат тиражите на материјали за учење и учебници и уште на првиот училиштен ден да им ги поделат на учениците.
– Доколку некое од училишните раководства сѐ уште не го сторило тоа, повторно апелираме веднаш да се постапи, тоа е нивна обврска, за учениците и нивните семејства да бидат спокојни и децата навремено да започнат со совладување на наставната материја – објаснуваат од МОН.