Хотелите во зимски сон ако не добијат поевтина струја

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Хотелиерите најавуваат затворање на објектите поради високите сметки за струја. Тие велат дека не можат да издржат да купуваат струја на слободен пазар бидејќи таа секојдневно има повисока цена. Неизвесна е судбината и на околу 3.000 вработени, колку што ги има во хотелскиот сектор, ако хотелите се затворат од ноември до напролет или до подобри времиња, како што е најавено.

– Ако државата не помогне и не обезбеди струја која нема да биде по дневните берзански цени најголемиот дел, ако не и сите хотели ќе затворат, бидејќи нивните приходи одамна се далеку под сумата што ја добиваат во сметките за струја. Дополнително треба да обезбедат плата за вработените и пари за репроматеријалите кои ги користат. Сето тоа ја исцрпи нашата финансиска состојба која од 2019 наваму оди во надолна линија секоја година – вели претседателот на Хотелската асоцијација во Стопанската комора Крсто Блажески.

Тој додава дека за да ги одржуваат хотелите во живот ќе мора да ги зголемат цените.

– Ако работиме, за да ги извадиме парите за струја ќе мора да ги зголемиме цените. Дури тогаш ќе се прашаме колку пари е кафето во Охрид. Да земете да вклучите рингла денес за што било, повеќе струја ќе потрошите, отколку за кафето. Со вакви цени не може да се опстане. Не е во интерес на државата да затворат пола хотели. Ако може помалите фирми да бидат субвенционирани со 13 денари по киловатчас, тогаш не гледам зошто во хотелиерството кое крвавеше последните три години не може да се даде нешто такво – вели тој.

И хотелиерите многу очекуваат од најавениот договор за струјата со Бугарија.

– Чекаме да видиме што ќе се случи. Очекуваме дел од таа струја да им се додели и на хотелите, но не прифаќаме цена која ќе биде повисока од 300 евра бидејќи таа е нашата граница која може да ја поднесеме – вели Блажески.

Тој потсетува дека при затворањето на хотелите ќе страдаат и вработените кои со години ги чуваат и покрај тоа што не беа ангажирани во текот на пандемските години.

– Некако успевавме работниците да ги задржиме во изминатите пандемски години, но дали ќе може да го направиме тоа и сега, не може да се каже. Можеби ќе мора да отпуштаме вработени или да ги испраќаме на принуден одмор во месеците кога ќе одлучиме да ги затвориме објектите. Тоа не го сакаме и затоа очекуваме владата да подготви мерки со кои ќе ни помогне да опстанеме – вели претседателот на ХОТАМ.

Ако се оствари најавата дека дел од хотелите ќе затворат во периодот од ноември до напролет, можно е да изгубат уште една зимска сезона.

- Advertisement -
Ad image

Пресметките на хотелиерите се дека аранжманите следната година со сегашните цени на струјата би требало да се зголемат за 50 отсто, а прашање е дали ќе имаат гости.

Share This Article