Европската унија ќе ги скрати околу 7,5 милијарди евра наменети за Унгарија поради загриженоста за назадување на демократијата и можна корупција во управувањето со парите на ЕУ во оваа земја.
Предлогот за делумна суспензија на фондовите за Унгарија поради непочитување на владеењето на правото ја презентираше денеска во Брисел еврокомесарот за буџет Јоханес Хан. Имено, Комисијата процени дека нетранспарентноста и корупцијата во Унгарија го загрозуваат заедничкиот буџет на ЕУ и со тоа парите на европските даночни обврзници.
ЕК го обвинува унгарскиот премиер Виктор Орбан за колапс на демократските институции, преземање контрола врз медиумите и кршење на правата на малцинствата. Но, тој ги негира обвинувањата на Брисел.
Унгарската влада вели дека брзо ќе ги усвои новите закони за борба против корупција и поголема транспарентност во владините набавки. Со планот, Будимпешта сака да стави крај на спорот со Брисел кој блокираше милијарди евра помош од ЕУ за Унгарија.
Најавен како бомбастична санкција против Будимпешта, предлогот за суспензија на парите од ЕУ за Унгарија се однесува на третина од кохезивните фондови, јави дописничката на МИА од Брисел.
По повеќемесечна анализа и разговори со унгарската Влада, ЕК дојде до заклучок дека буџетот на ЕУ останува загрозен поради сомнежите за корупција пред сè во делот на јавните набавки.
Во следните денови предлогот ќе му биде доставен на Советот на ЕУ, односно земјите членки, кои треба да го усвојат со квалификувано мнозинство. Советот има еден месец да ја усвои оваа санкција, но може да побара и пролонгирање од дополнителни два месеца. Предлогот треба да му се достави на Советот на ЕУ до 22 септември.
Еден од условите, со кој со согласи унгарската Влада, е воспоставување на посебно тело за интегритет, кое ќе има задача да врши надзор врз контроверзните процеси. Уште еднаш јавноста бара одговори како Брисел може да биде сигурен дека ова тело ќе функционира независно и непречено со оглед на нивото на корупција во Унгарија, и фактот што Европскиот Парламент пред неколку дена ја прогласи Унгарија за нецелосна демократија со авторитарни тенденции.
– Овој механизам на условеност беше предизвикан пред судот од страна на Унгарија и Полска и Европскиот суд за правда донесе јасна одлука дека регулативата е во согласност со Повелбата, но и детално етаблира јасни цели кога ова може и треба да се примени, и дека треба да има доволно јасна врска со ризикот за европскиот буџет. Во случајот на Полска, иако видовме дека има проблеми со независноста на судството, нема доволно докази за поврзаност со европскиот буџет. Прашањето за независноста на судството може да се третира со други алатки – рече Хан.
Од 2010 година Унгарија е предводена од националистичкиот и ултраконзервативен премиер Виктор Орбан (59), кој тврди дека практикува „нелиберална демократија“ и одржува кооперативни врски со Русија на Владимир Путин.
ЕП во 2018 година поведе постапка против Унгарија за „Ризик од сериозно кршење на европските вредности“ (член 7 од Договорот за ЕУ). На земјата и се заканува и одземање на милијарди евра финансирање од ЕУ, поради загриженоста на ЕУ за корупцијата и условите за јавни набавки во Унгарија.