Трисет години германско-македонска соработка, учење едни од други, градење мостови меѓу нашите земји и нивните луѓе. Многубројните проекти се доказ за оваа соработка. Целта беше и целта е земјата да се движи напред на својот пат кон целосна евроатлантска интеграција, да има одржлив развој за подобар живот на луѓето во хармонија со природата и животната средина, истакна амбасадорката на Германија Анке Холштајн во обраќањето на прославата по повод три децении соработка меѓу Германија и Северна Македонија што се одржува попладнево кај Школа во Градскиот парк.
Проектите, како што посочи, се спроведени од различни германски учесници вклучително и од амбасадата во најтесна координација и соработка со партнери во Северна Македонија на кои срдечно им благодариме за тоа.
– Седум од германските учесници се присутни денеска за да можете подобро да ги запознаете. ГЕТЕ институт се залага за културна размена – преку музиката, филмот и уметноста, и се разбира за работата со нашиот тежок германски јазик. Германската служба за академска размена се грижи за размена во областа на образованието и студиските програми. Делегацијата на германското стопанство ги поддржува германските фирми во Северна Македонија и македонските фирми кои се активни или сакаат да бидат активни во Германија и одржува широка мрежа. Нашите политички фондации „Корад Аденауер” и „Фридрих Еберт” се грижат за политичкото образование и почитување на демократијата – рече Холштајн.
Кредитната банка за обнова КфВ, додаде германската амбасадорка, поддржува финансиски проекти за одржлив развој пред се во областа на животната средина и енергијата. Друштвото за меѓународна соработка ГИЗ, пак, поддржува, планира и финансира разни проекти ориентирани кон иднината. ГИЗ ја спроведува Програмата за супер училишта во регионот кои на учениците од регионот им овозможува да се сретнат, да ги разбијат предрасудите и да создаваат пријателства и соживот во регионот, кажа Холштајн.
Одбележувањето на „30 години германско-македонска соработка” што го организира Амбасадата на Гаерманија е придружено со културна програма и забавни активности во Градскиот парк во Скопје.