И покрај наводниот договор за прекин на огнот кој го потврдија двете страни, утринава граничната служба на Киргистан соопшти дека таџикистанските сили уште еднаш отвориле оган врз неколку нејзини пунктови рво спорната планинска погранична област. Според нив силите на Таџикистан користат тенкови, оклопни транспортери и минофрлачи, јави Ројтерс.
Договорено е за време на прекинот на огнот, кој започнува денеска во 10 часот по локално време, претставниците на двете гранични служби да одржат состанок.
Киргистан претходно соопшти дека таџикистанските сили повторно отвориле оган врз неколку нејзини гранични пунктови по кратката пресметка оваа недела, што претставува нова ескалација на тензиите меѓу двете земји, објави Ројтерс.
Киргистанските војници возвратија со оган за време на овие инциденти, кои се случија долж целата граница, соопшти граничната служба.
Во својата изјава пак, Таџикистан ги обвини киргистанските сили дека гранатирале еден од нивните гранични пунктови и седум села со „тешко оружје“.
Еден цивил загина, а тројца се повредени, соопштија властите во таџикистанскиот град Исфара.
Претседателот на Киргистан Садир Жапаров и претседателот на Таџикистан Емомали Рахмон учествуваат на регионалниот безбедносен самит на Шангајската организација за соработка што се одржува вчера и денеска во Узбекистан.