Учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, беа тема на дводнавната средба Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија што заврши денеска во Скопје, соопшти македонскиот тим во Комисијата.
– Во однос на учебниците по историја тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми. Дискусијата по оваа и другите теми за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба, која би требало да се одржи кон крајот на октомври оваа година – се наведува во соопштението.
Оваа дводневна средба во Скопје помина без прес-конференција или изјави за медимите на членовите на двата тима во заедничката комисија.
На оваа рунда разговори во македонскиот тим се приклучи Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја, кој доаѓа на местото на Ванчо Ѓоргиев, кој лани ја напушти Комисијата.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања на претходната средба на 15 август усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6-то одделение во Северна Македонија и 5-ти клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил. Тие препораки се усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Копретседателот на македонскиот тим во Комисијата, Драги Ѓоргиев по објавата на препораките, тогаш на прес-конференција говорејќи во однос на учебниците, појасни дека се оди на тоа да се менуваат работи кај кои има недоразбирање и кои можат да придонесат за нарушување на односите меѓу двата народа и двете држави, и кои можат кај младите генерации да предизвикаат тензии, омраза итн. Ѓоргиев оцени дека периодот на 19 и 20 век ќе биде еден од најтешките за кои ќе расправа Комисијата и нагласи дека по секоја цена нема да се носат решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија.