Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето ноќно видео-обраќање рече дека украинската армија ослободила повеќе од 2.000 квадратни километри окупирана територија од почетокот на контранападот овој месец.
– Во овој момент можам да потврдам дека благодарение на акциите на украинската армија од почетокот на септември се ослободени околу 2.000 квадратни километри од нашата територија – рече Зеленски.
– Ова е најтешката зима за целиот свет. Русија прави сè за 90 дена од оваа зима за да го скрши отпорот на Украина, отпорот на Европа и отпорот на светот. Затоа што ова е она на што Русија се надева, ова е нејзиниот последен аргумент – рече Зеленски.
– Има 90 дена кои ќе одлучат за повеќе од 30 години независност на Украина, 90 дена ќе одлучат повеќе отколку сите години на постоење на Европската Унија – истакнува украинскиот лидер.
Тој посебно им се заблагодари на единиците на украинската армија кои, како што рече, „се истакнале во регионот Харков“ и на оние кои „ја вратиле целосната контрола над градот Балаклија“.
Русија претходно најави повлекување на своите сили од регионот. Зеленски го нарече бегството на руската армија добра одлука.
– За окупаторите нема и нема да има место во Украина – рече тој.
Британското Министерство за одбрана го објави најновиот извештај на своите разузнавачи за ситуацијата во Украина.
„Во последните 24 часа, украинските сили продолжија значително да напредуваат во регионот на Харков. Русија се повлече од областа, но борбите продолжуваат во близина на стратешки важните градови Изјум и Купјанск“, се вели во извештајот.
„Русија спроведува стратегија на намерно дезинформирање за да избегне вина за кризата со храна, да ја дискредитира Украина и да го минимизира противењето на инвазијата на Украина“, се додава.
Успехот на Украина во борбата против Русија покажува дека земјата може да ги победи, но на Киев му треба повеќе оружје од своите партнери, изјави синоќа украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Москва вчера го напушти своето главно упориште во североисточна Украина, откако украинските сили го забрзаа напредувањето.
Кулеба, зборувајќи на прес-конференција со германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок која беше во посета на земјата, рече дека некои сојузници првично не сакале да испратат оружје, наведувајќи го ризикот од антагонизам од рускиот претседател Владимир Путин.
– Сега, фала му на Бога, повеќе не го слушаме овој аргумент. Покажавме дека сме способни да ја победиме руската армија. Тоа го правиме со оружјето што ни е дадено. И затоа повторувам – колку повеќе оружје добиеме, толку побрзо ќе победиме и толку побрзо ќе заврши оваа војна – рече тој.
Иако Германија испрати самоодни топови во Украина, Киев сака и борбени тенкови Леопард, борбени возила Мардер и противвоздушни тенкови Гепард.
– Секој ден, додека некој во Берлин размислува, се консултира или разгледува дали да даде тенкови или не, некој умира во Украина, поради фактот што тој тенк не пристигнал – рече тој.
Баербок вети натамошна воена помош и не ја исклучи можноста за испорака на борбени тенкови.
– Знам дека времето е клучно. Следните неколку недели и месеци ќе бидат од суштинско значење – рече таа.