Општина Кисела Вода го продолжува рокот за поднесување на барања за субвенционирање на дел од месечните сметки за потрошена електрична енергија на социјално ранливите категории до 16 септември.
– Со цел да им се излезе во пресрет на што повеќе жители кои ги исполнуваат критериумите зададени со јавниот повик, на нивно барање, бараната документација може да се достави уште седум работни дена од првично предвидениот рок, односно до 16 септември до 19 часот. За потсетување, се работи за финасиска помош која Општина Кисела Вода ја обезбеди преку донација од приватна компанија и која има за цел социјално загрозените семејства, самохраните родители и децата без родители полесно да ги подмират сметките за потрошена струја. Се работи за сума во износ од 1.200.000,00 денари, односно по 100.000,00 денари во текот на дванаесет месеци, кои ќе бидат наменети на оние на кои најмногу им е потребна помош – информираат од Општината Кисела Вода.
Јавниот повик со критериумите за учество и потребната документација е достапен на општинската веб страница на следниот линк. Дополнителни информации може да се добијат преку лицата за контакт – Ана Ѓуроска ana.gjuroska@kiselavoda.gov.mk
Документите треба да се достават со Архивата на Општина Кисела Вода, а изборот ќе го врши повеќечлена комисија. Подносителите ќе бидат известени во рок од 15 дена од донесувањето на одлуката за распределба на средствата.
– Ова е уште една од мерките која Општина Кисела Вода ја спроведува со цел да излезе во пресрет граѓаните кои во овој период на огромни поскапувања имаат се поголеми финасиски проблеми. Продолжен е и проектот „Храна за сите”, преку кој се обезбедуваат хуманитарни пакети за економски немоќните лица, а сите семејства кои имаат првоодделенче, од Општината на првиот училишен ден, добија бесплатни училишни чанти со тетратки и прибор – нагласуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека во периодот што следи Општина Кисела Вода ќе излезе со нов сет мерки, со цел, како што велат, овој тежок финасиски период полесно да се преброди.