Во неговиот последен телефонски разговор како британски премиер, Борис Џонсон, денеска им оддаде почит на украинскиот претседател Володимир Зеленски и на украинскиот народ, изјавувајќи дека можат и ќе ја победат Русија и вети дека ќе останат во контакт како пријатели.
„Премиерот разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да му се заблагодари за неговото лидерство и пријателство. Премиерот јасно стави до знаење дека верува оти претседателот Зеленски и неговиот народ можат и ќе ја добијат војната во Украина“, соопшти портпаролот на Даунинг стрит.
– Премиерот му кажа на претседателот Зеленски дека е привилегија да соработува со него и да го поддржува, а двајцата лидери се согласија да останат во контакт како блиски пријатели – додаде портпаролот.
Џонсон утре и официјално ќе поднесе оставка од функцијата премиер, а на негово место доаѓа шефицата на британската дипломатија Лиз Трас, која денеска победи на внатре партиските избори во владејачката Конзервативна партија.