Милиони луѓе се евакуирани од оддалечените села во јужен Пакистан, додека регионот нервозно го чека пристигнувањето на водата што се спушта од северот на земјата, соопштија властите.
Спасувачките напори во провинцијата Синд, најпогодената провинција во серијата поплави од средината на јуни, се поддржани од воени хеликоптери и чамци, изјави портпаролот на провинциската влада Муртаза Вахаб. „Тоа е трка со времето“, рече Вахаб, кој ја надгледуваше евакуацијата.
Пакистанската река Инд, која тече од Хималаите до Арапското Море на југ, повторно се излеа по обилните дождови во планините минатата недела.
Речиси 20.000 кубни метри вода во секунда тече низводно и наскоро ќе стигне до големите градови во Синд, предупреди агенцијата за управување со катастрофи. Во поплавите загинаа 1.208 лица, а се очекува тој број да се зголеми, објави агенцијата во четвртокот. „Се обидуваме да дојдеме до луѓето кои се уште се среде вода, без храна или засолниште“, изјави Рустам Џамали, спасувач од градот Даду во провинцијата Синд.
Агенциите на ОН во четвртокот предупредија дека милиони деца и бремени жени се загрозени и имаат потреба од итна хуманитарна помош.
На северот од земјата, неколку градови се уште се поплавени иако дождот престана пред една недела, а илјадници се без храна и засолниште. „Се чувствуваме како бегалци во сопствените села. Не можеме да се вратиме дома, што е на неколку стотини метри“, рече Камал Удин Кан од Сват.