Гром удрил во британска туристка вчера попладне во Сплит. Првите информации беа дека била погодена од гром додека пливала во морето кај плажата Кашјуни, но денеска хрватските медиуми објавуваат дека несреќата се случила на плажата, каде таа била со својата ќерка, кога почнало нагло невреме.
Откако била реанимирана на плажата, со тешки изгореници и повреда на главата, била пренесена во сплитската болница и сега е на Одделот за интензивна нега. Таа се наоѓа во животна опасност.
Неофицијално, од ударот на громот има срцеви проблеми и проблеми со нервниот систем, како и делумни изгореници на градниот кош кои не се животозагрозувачки.
На местото на настанот ќе се врши увид и се утврдуваат сите околности за оваа несреќа, соопшти сплитската полиција.