Лозари од Тиквешко најавија предупредувачки протест во текот на викендов на влезот во Неготино, од страната на автопатот Неготино-Гевгелија. Велат дека сакаат да го изразат револтот поради ниските откупни цени на грозјето. Винаријата „Тиквеш“ ги објави откупните цени за смедеревката 12,5 денари за килограм и 16 денари за килограм вранец, што за лозаро-производителите е неприфатливо, со оглед на трошоците кои ги имаат.
Протестот ќе трае од 10 до 15 часот во сабота и во недела, а лозарите се надеваат дека нивниот глас ќе биде слушнат.
– Цените за грозјето се срамни! Мора да се најде решение за овој проблем, да се изнајде начин за да им се помогне на лозарите, затоа што изминатата година голем број лозари ги ископачија лозјата поради овие стандардни манипулации со нашата мака. Ако се продолжи вака, лозарството полека, но сигурно ќе изумре. Предлагам маржа од извезеното вино за лозарите, сите гледаме кои се цените за килограм грозје, а по која цена се продава шише вино. Врз нас лозарите е маката, а на крај кајмакот завршува кај друг. Кога ги слушаме винариите како се жалат, што друго да им кажеме, освен на подарок да им го даваме грозјето, за тие да можат да направат профит. Да им направиме и математика, да видат кои се нашите трошоци, а која е добивката со овие понудени цени, во кои не гледаме никаква логика – вели Трајче Кулев од здружението „Напредни лозари“ од Кавадарци.
Со новите, зголемени цени на берачите, товарачите, трактористите, но и на сите продукти кои се потребни во лозарството, лозарите прашуваат кој и како пресметал дека со понудените цени за килограм грозје тие можат да ги покријат годишните трошоци за производство. Се жалат дека на крај не само што ќе немаат добивка, туку може и да останат во минус.
– Ако шише вино „Смедеревка“ во маркет се продава за околу 130 денари, а во угостителски локал по цена од 300 денари, според кој критериум килограм грозје смедеревка може да изнесува 12,5 денари? Да не ги заборавиме и манипулациите, ако лозарите сакаат веднаш да им биде платено, им се нуди денар помалку за откуп. За сортните видови грозје и да не зборуваме. Шише од 750 милилитри се продава по 500 денари во маркет, во угостителски локал и над 1.000 денари, а килограм сортно грозје се откупува по 20 до 30 денари. Ќе се стави ли еднаш ред во лозарството и винарството? – прашуваат револтираните земјоделци.