Краткото невреме што попладнево го зафати Неготино направи помали материјални штети, но иако траеше кратко, внесе голема вознемиреност меѓу жителите на овој град во централна Македонија.
– Во првите моменти не бевме ниту свесни што се случува. Неверојатно силен ветар, дожд, бучеше целата куќа. Вратите и прозорците се тресеа. Мислевме дека секој момент ќе ни оделта кровот од над глава. Голема среќа беше тоа што траеше само неколку минути. Однесена оградата околу двор, паднато дрво… Имавме среќа што поминавме со толку – раскажува жител на селото Војшанци за Фокус.мк.
Мештаните велат дека кога се смирило невремето излегле надвор и наишле на хаварија во дворот. Патот помеѓу Војшанци и Дуброво бил блокиран поради падната дрва.
Силното невреме ја зафати општината денес во околу 16.15 часот. Траеше околу десеттина минути, но зад себе остави големи штети. Од информациите кои се достапни досега, паднати се голем број дрвја, вода навлегла во повеќе објекти, паднати се бандери, однесени покриви. Дека штетите се големи, сведочат и објавите кои се појавија на социјалните мрежи.
„Апел за помош од комуналните служби на ул. Пиринска во Неготино. Има многу големи штети!“, се вели во објава на загрижена жителка на Неготино.
Веднаш откако стивна силната бура, изгреа сонце. Екипите на ЈП Комуналец излегоа на терен, а жителите од центарот на градот, кои живеат во зградите или таму пак имаат дуќани, велат дека олеснителна околност е тоа што пред неколку месеци се исчистиле наносите од земја од кејот на реката.
– За неколку минути повторно се насобра многу вода во овој дел, но протокот по речното корито одеше без застој и за среќа реката не се излеа, како што се случуваше во минатото при секое невреме – раскажуваат очевидци.