Објавено е новото академско рангирање на универзитетите ширум светот, познато како Шангајска листа. Но, и на овогодинешното рангирање на 1.000 високообразовни институции, нема ниту еден македонски универзитет на листата.
Највисоко се рангирани универзитетите „Харвард“, „Стенфорд“, Институтот за технологија во Масачусетс, „Кембриџ“ и „Беркли“.
Од регионот, од 400 до 500 место е рангиран Универзитетот во Белград, кој се наоѓа и на прво место на национално ниво во Србија, како и Универзитетот во Љубљана, од 400 до 500 место и на прво место на национално ниво во Словенија. Во истиот ранг од 400 до 500 место се наоѓа и Универзитетот во Загреб или на прво место на национално ниво во Хрватска.
Во меѓувреме, Универзитетот во Нови Сад се наоѓа од 900 до 1.000 место на Шангајската листа или втор на национално ниво во Србија.
Од 300 до 400 место се наоѓа грчкиот Универзитет во Атина, прв на национално ниво во Грција, по што следуваат Универзитетот во Солун од 500 до 600 место на Шангајската листа, Универзитетот во Крит од 600 до 700 место, додека Универзитетот во Тесалија е рангиран од 800 до 900 место.
Инаку, на последното рангирање на Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR), објавено на 25 април, единствениот македонски универзитет кој го има на листата, „Св. Кирил и Методиј“, падна зa 20 места и сега се наоѓа на 1.964 место од 2.000 универзитети.