Потпретседателката на Република Бугарија Илијана Јотова им се заблагодари на партнерите од Франција за придонесот во преговарачката рамка да се вклучи внесувањето на Бугарите во Уставот на земјата пред вистинскиот почеток на преговорите.
– Ова е голем успех за Бугарија. Средбите кои беа на највисоко ниво, бескрајните телефонски разговори со европските лидери ќе беа избегнати ако институциите си ја вршеа работата уште во 2019 година кога тогаш се донесе резолуцијата во Народното собрание – рече Јотова во утринската емисија на Бугарската национална телевизија БНТ.
Јотова ја оцени ситуацијата со РС Македонија како комплицирана и рече дека тој што мисли дека прашањето за Македонија е завршено е наивен.
– Во лето не работат европските институции, но од есен ќе почне процесот. Отсега ќе има неколку инспекции од Европската комисија, неколку извештаи од евалуацијата на Советот, каде Бугарија ќе мора секој пат да потсетува на својот став. Но по сетоа ова што се случи во Софија и
Скопје, мислам дека Европската комисија ќе биде доволно внимателна – вели Јотова.
Бугарската потпретседателка смета дека никој нема корист од враќањето на работата на почетна позиција, а најмалку Македонија, затоа што треба да бидеме дел од европското семејство.