Плажата на шверцерите или плажата Навагио на грчкиот остров Закинтос е една од најпосетуваните. Фотографиите и разгледниците од рѓосаниот бродолом се прилично познати на пошироката јавност, но овој пат кружи малку поинаква фотографија.
Фотографијата која ги вознемири луѓето на социјалните мрежи, на Фејсбук ја објави екологистот Михалис Бакас. На него се гледа куп ѓубре среде добро познатата плажа на шверцерите или плажата Навагио на грчкиот остров Закинтос, што изгледа не им пречи на туристите.
„Грчка 2022. Не можам да разберам како можеш да платиш за да одиш на една од најубавите плажи во светот на неколку часа и потоа да оставиш ѓубре таму“, напиша тој под фотографијата.
Проблемот е многу поголем од неодговорните туристи. Во интервју за грчкиот портал protothema.gr, градоначалникот на Закинтос, Никитас Аретакис, објасни дека оваа плажа не е во надлежност на општината и дека затоа општината не е одговорна за нејзиното чистење. Пред околу еден месец се уште се стопанисуваше со плажата, но според неговите уверувања тогаш немало ѓубре.
„До пред еден месец се грижевме за плажата Навагио и ја следевме чистотата на неа и земјиштето каде што се сместени гостилниците. Меѓутоа, сега со него управува Комитетот за користење и подобрување на плажата, кој беше формиран во декември 2021 година. Така, тие ќе треба да изнајмат брод и луѓе за да го подигнат ѓубрето таму. Кога бевме задолжени, имавме и некој на кој плаќавме да ја чисти плажата, како и луѓе кои се грижеа за туристите за да нема проблеми со чамците да се насукаат. Сега единствена наша обврска е да имаме спасител надвор од вода. Комитетот мора веднаш да најде решение за овој проблем“, рече Аретакис.