Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја обвини Европската Унија за империјалистичко однесување кон помалите земји-членки во авторски текст објавен на веб-страницата на гермаснки „Ди велт“.
„Политичката практика покажа дека ставовите на Германија и Франција вредат повеќе од сите други. Значи, имаме работа со формална демократија и де-факто олигархија, во која најсилните ја имаат власта“ – напиша тој, додавајќи дека мора да се бори против империјализмот на ЕУ, како и со рускиот империјализам.
Премиерот, чија националистичка влада на Право и правда (ПиС) се судри со Брисел околу прашањата за владеење на правото, рече дека руската инвазија на Украина го префрли вниманието на недостатоците на ЕУ. Тој повика на „длабока реформа што ќе ги врати општото добро и еднаквоста во првите редови на принципите на Унијата“.
Политичарите на владејачката партија во Полска рекоа дека Варшава би можела да и возврати на ЕУ доколку земјата не го добие својот дел од партите за закрепнување од пандемијата. Од друга страна, Брисел сигнализираше дека не е задоволен со најновите судски реформи во Полска.