Основната каматна стапка останува непроменета на ниво од 2,5 отсто, а понудата на благајничките записи исто така останува непроменета и изнесува 10 милијарди денари, информира денеска Народната банка.
„При носењето на ваквата одлука беа земени предвид неколку клучни фактори, пред сѐ, досега преземените чекори за нормализирање на монетарната политика, како и последните движења кај инфлацијата и на девизниот пазар. На девизниот пазар се забележува значајно стабилизирање во последниот период, а Народната банка интервенира со откуп на девизи. Притоа, притисоците од енергетската криза се намалени значително, додека приливот на девизи на менувачкиот пазар во овој период е значително повисок од очекувањата. Воедно, на девизниот пазар видливи се и одредени позитивни поместувања во однос на побарувачката на девизи од страна на домашните физички лица, што укажува на постепено стабилизирање на очекувањата и довербата на домашните субјекти“, се наведува во соопштението на Народната банка.
Од банката информираат дека најновите податоци за инфлацијата покажуваат просечна инфлација од 10,9 отсто во периодот јануари – јули, при што три четвртини од овој раст се објаснува со растечките цени на храната и енергијата.
„Динамиката на инфлацијата и натаму главно е одраз на фактори на страната на понудата, односно на порастот на увозните цени на храната и енергијата, вклучително и на домашната цена на електрична енергија, која е под влијание на случувањата во глобалниот пазар на енергија. Сепак, со оглед на долготрајноста на овие трендови, ваквите притисоци брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања, што упатува на потребата од водење претпазливи домашни политики. Сепак, месечната промена на потрошувачките цени покажува одредено забавување, а голем дел од месечниот раст се должи и на донесената одлука за промени во регулираната цена на електричната енергија. Воедно, годишната динамика на базичната инфлација остана стабилна“ се вели во соопштението.
Од централната банка велат дека очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци, односно очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу, додека кај цените на нафтата се очекува стабилизирање на крајот на годинава, а потоа и нивно намалување.
„Сепак, ризиците на страната на понудата, особено во поглед на идните движења на цените на енергијата и храната и натаму се значително изразени поради воените случувања во Украина, со што останува голема и неизвесноста поврзана со пренесените ефекти врз домашната инфлација“ појаснуваат од НБ.
Оттаму информираат и дека девизните резерви се одржуваат во сигурна зона, а податоците за активноста во домашната економија во првиот квартал од 2,4 отсто, како и оцените за понатамошен раст согласно со високофреквентните податоци за периодот април – јуни засега се во согласност со последните очекувања.
Од Народна банка додаваат дека во овој период се забележува натамошен, но малку поумерен годишен раст кај индустријата, прометот во вкупната трговија и угостителството, додека активноста во градежништвото во периодот април – мај бележи забавување на падот. Последните податоци покажуваат и понатамошен раст на кредитите и на депозитите.